ИЈЗ: Годинава има една третина повеќе грипозни во споредба со лани

1

Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 17.375, а во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 36,4 отсто, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај за заболени од грип и заболувања слични на грип.

„Во текот на осмата недела од 2025 година (од 17 до 23 февруари), пријавени се 3.035 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што е за 11,3 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со осмата недела од минатата сезона е зголемен за 3,7 пати“, наведено е во извештајот.

Од ИЈЗ исто така, информираат и за еден смртен случај асоциран со грип.

„Се работи за лице на возраст од 78 години од Скопје кое било хоспитализирано во УК за Пулмоалергологија. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети и не било вакцинирано со вакцина против сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А(H3)“, стои во извештајот.

 

Makedonski