Европските лидери застанаа зад Зеленски и му дадоа голема поддршка по неговиот судир со Доналд Трамп. Поголемиот дел лидери беа против Трамп и неговите лоши реакции направени при еден од најважните состаноци направени за завршување на војната, пренесува Асошиејтед Прес.
Лидерите на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста, го уверија Зеленски дека „Никогаш не е сам. Биди силен, биди храбар, биди бестрашен“, напишаа претседателите на Европската комисија и Советот во заедничка изјава на социјалните мрежи, порачувајќи му на Зеленски: „Ќе продолжиме да работиме со тебе за праведен и траен мир.“
Емануел Макрон изјави дека Русија е „агресорот“ во војната и дека „сите бевме во право што ѝ помогнавме на Украина да ја санкционираме Русија пред три години и што продолжуваме да го правиме тоа“. Францускиот претседател дополнително нагласи дека „ако некој си игра со трета светска војна, тоа е Владимир Путин“, алудирајќи на обвинувањата на Трамп против Зеленски.
Веројатниот иден германски канцелар, Фридрих Мерц, му ја потврди својата поддршка на Зеленски, изјавувајќи: „Никогаш не смееме да ги мешаме агресорот и жртвата во оваа страшна војна.“ Заминувачкиот канцелар Олаф Шолц, исто така, изрази поддршка за Украина, како и министерката за надворешни работи Аналена Бербок, која додаде дека „потрагата на Киев по мир и безбедност е и наша“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика на итен состанок на САД, Европа и нивните сојузници за војната во Украина. „Потребен е самит без одлагање… за искрено да се разговара за тоа како имаме намера да се справиме со најголемите предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина.“
„Поддршката на Холандија за Украина останува непоколеблива. Особено сега,“ изјави премиерот Дик Схоф на Х, додавајќи дека „сакаме траен мир и крај на агресивната војна што ја започна Русија.“
Полска, исто така, ја увери Украина во својата поддршка. „Драги украински пријатели, не сте сами,“ напиша полскиот премиер Доналд Туск на Х во објава упатена до Зеленски.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека неговата земја ќе застане покрај Киев. „Украина, Шпанија е со вас,“ напиша тој на Х.
Кир Стармер вети „непоколеблива поддршка“ за Киев. Британскиот премиер „прави сè што може за да најде пат напред кон траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина“, изјави портпарол на Даунинг стрит.
Зеленски сака да го продолжи пријателството со Трамп
Зеленски се појави на американската телевизија по неговиот судир со Трамп во Белата куќа, обидувајќи се да ја ублажи политичката штета предизвикана од конфронтацијата.
„Многу сум благодарен на Американците за сета ваша поддршка,“ изјави тој во интервју за Fox News. „Многу ни помогнавте од самиот почеток… ни помогнавте да преживееме.“ На прашањето дали му должи извинување на претседателот, Зеленски одговори: „Јас го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ.“
„Мислам дека треба да бидеме многу отворени и искрени, и не сум сигурен дека направивме нешто лошо“, додаде тој.
Подоцна призна дека јавната расправија била „не добра“, но изгледаше уверен дека неговиот однос со американскиот претседател може да се зачува.
„Едноставно сакам да бидам искрен и сакам нашите партнери правилно да ја разберат ситуацијата, а и јас да ја разберам правилно. Станува збор за нас, да не го изгубиме пријателството,“ изјави тој.