САД ја суспендираа целата воена помош за Украина по спорот меѓу Трамп и Зеленски

1

Администрацијата на Доналд Трамп ја суспендираше испораката на сета американска воена помош за Украина, блокирајќи милијарди долари, со што Белата куќа врши притисок врз Украина да се согласи на мир со Владимир Путин, пренесува Гардијан.

Одлуката влијае на испораките на муниција, возила и друга опрема, вклучително и опремата што беше договорена додека Џо Бајден беше претседател на САД.

Ваквиот развој доаѓа по драматичната сцена во Белата куќа од петокот, кога Трамп му кажа на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека „се коцка со Трета светска војна“. На Зеленски му беше кажано да се врати „кога ќе биде подготвен за мир“.

Висок претставник на администрацијата на Трамп за Фокс Њуз изјавил дека „ова не е трајно прекинување на помошта, туку пауза“. Блумберг објави дека целата американска воена опрема што не е во Украина ќе биде задржана, вклучително и оружје во транзит на авиони и бродови или оружје кое чека во транзитни области во Полска.

Одлуката следи по состанок во Белата куќа на кој биле вклучени американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, секретарот за одбрана Пит Хагсет, државниот секретар Марко Рубио, директорот на националното разузнавање Тулси Габард и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Витков.

Претседателот на парламентарната комисија за надворешни работи на Украина, Олександ Мережко, рече дека се чини оти Трамп ја турка Украина кон капитулација.

„Да се прекине помошта сега значи да му се помогне на Путин.На површина, ова изгледа навистина лошо. Изгледа тој не турка кон капитулација, што значи прифаќање на барањата на Путин“, изјавил Мережко за Ројтерс.

Американскиот Конгрес одобри вкупно 175 милијарди долари помош за Украина пред речиси три години, според непартискиот Комитет за одговорен федерален буџет. Во декември 2024 година, непосредно пред да ја напушти функцијата, Џо Бајден најави дополнителни 5,9 милијарди долари за безбедносна и буџетска помош.

Американската помош за Украина вклучува воена помош, буџетска помош во голема мера испорачана преку фондот за доверба на Светската банка и други средства кои беа доставени преку американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Дел од парите испратени од САД во Украина ѝ помагаат на земјата да ги исплати платите на наставниците и лекарите и ја одржува владата во функција, овозможувајќи и да се фокусира на борбата против руската инвазија.

Makedonski