Поколна ноќ во Украина: Најмалку 14 загинати и 37 ранети во руски ракетни напади

6

Најмалку 11 лица загинаа, а 30 се повредени, вклучувајќи пет деца, во руски ракетен напад на источниот украински град Добропилија, соопшти Министерството за внатрешни работи на Украина, а пренесе Ројтерс.

Руските сили го нападнале Добропилија со балистички проектили, повеќе ракети и дронови, при што предизвикале штети на осум повеќекатници и 30 возила, според Министерството. Нападот резултирал со смрт на 11 лица, вклучувајќи пет деца, и уште 30 повредени.

„Додека се гаснеше пожарот, окупаторите повторно удриле, при што го оштетиле пожарникарското возило“, соопшти украинското министерство на апликацијата Телеграм.

Министерството исто така извести дека три цивили биле убиени во одвоен напад со дрон во регионот Харков на североисток.

„Овие напади покажуваат дека целите на Русија не се променети. Затоа, од клучно значење е да продолжиме да правиме сè што е можно за да ги заштитиме животите, да ја засилиме нашата противвоздушна одбрана и да ги зголемиме санкциите против Русија. Сè што му помага на Путин да ја финансира војната мора да запре,“ напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Фејсбук.

Во петок, руските сили ја оштетија украинската енергетска и гасна инфраструктура во нивниот прв голем ракетен напад по прекинот на споделување на разузнавачки информации со Украина од страна на САД, создавајќи притисок врз Киев додека претседателот Доналд Трамп бара брзо завршување на војната.

Прекинот во воената помош и разузнавачката поддршка од САД може да ја ослабне противвоздушната одбрана на Украина бидејќи земјата се соочува со недостиг на напредни ракети и има потешкотии во следењето на нападите, велат воените аналитичари.

Добропилија, дом на околу 28.000 жители пред војната, се наоѓа во регионот Донецк на истокот на Украина, на 22 километри од фронтот северно од клучниот хаб Покровск, кој руските трупи го напаѓаат веќе недели.

Украинските воени сили соопштија дека Русија ја нападнала Украина во текот на ноќта со две балистички ракети Искандер-М и една крстаречка ракета Искандер-К, како и со 145 дронови.

Воздушните сили на Украина собориле една крстаречка ракета и 79 дронови. Воените сили изјавија дека уште 54 дронови не успеале да ги достигнат своите цели, најверојатно поради електронски контрамерки.

Makedonski