ЦРТА поднесе кривична пријава против Александар Вучиќ

3

„ЦРТА на 13 март поднесе кривична пријава за неовластено располагање со информации и документација која беше одземена од ЦРТА при упадот на припадниците на Управата за криминалистичка полиција (УКП) и пренесување на наведените информации, до претседателот на Републиката. Во кривичната пријава се наведува дека е сторено следново кривично дело: Злоупотреба на службена положба според член 359 став 1, Неовластено собирање лични податоци според член 146 став 3 и Предизвикување паника и неред според член 343 од Кривичниот законик“, соопштија од српската граѓанска организација ЦРТА.

„Во неделата на 9 март, претседателот Вучиќ во обраќањето до медиумите кое беше директно пренесувано на ТВ Информер, изјави меѓу другото:

‘Оние кои директно добиваа пари од странство за спроведување на обоена револуција, ќе има изненадувања во наредните денови, ќе видите… Дали знаете дека организацијата УСАИД платила 190.000 евра преку ЦРТА и уште некои невладини организации; на организацијата која се нарекува „Да одат смрдежите“ 190.000 евра. Можете да го замислите тој прекрасен хуманитарен и хумани аспект на УСАИД и ЦРТА, во кој организацијата „Да одат смрдежите” добива 190.000 евра, не динари’“, потсетува ЦРТА.

Покрај истакнувањето дека злоупотребените информации од службената документација на ЦРТА можеле да дојдат исклучиво од надлежното обвинителство или од Управата за криминалистичка полиција, ЦРТА во кривичната пријава истакна и докази во вид на изјава на претседателот на Србија дадена на ТВ „Информер“ во емисија на 11 март 2025 година (која беше пренесувана и на ТВ Пинк), во која претседателот на Србија практично призна дека поседувал незаконски стекнати информации и дека не требало да ги изнесува во јавноста, пишува ЦРТА.

„ЦРТА во кривичната пријава наведе оти смета дека со изнесување на лажни информации, претседателот на Србија сака да предизвика паника кај граѓаните, што би можело да доведе до сериозно нарушување на јавниот ред и мир, како и да спречи или значајно да ја отежни работата на полицијата и Вишото јавно обвинителство во Белград, кое раководи со предистражната постапка против ЦРТА и други организации на граѓанското општество. Во овој случај дојде до злоупотреба на јавната функција и користење на непроверени, монтирани и измислени информации, кои претседателот на Србија ги поврза со информации од предистражната постапка, до кои не може да дојде на законит начин. На тој начин се врши недозволено влијание врз полицијата и јавниот обвинител кој ја води постапката, како и дополнително таргетирање на ЦРТА како организација која, наводно, организира незаконска промена на власта“, се наведува на веб-страницата на ЦРТА.

Кривичната пријава на ЦРТА е поднесена против: Александар Вучиќ, претседател на Република Србија, Ненад Стефановиќ, главен јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Јелена Милутиновиќ Жиљкиќ, јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград – Посебно одделение за сузбивање на корупција, Милош Савиќ, раководител на полициската служба на Управата за криминалистичка полиција, Одделение за борба против корупција, како и НН лица, вработени во Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата на полицијата, Управата за криминалистичка полиција, Одделението за борба против корупција, како и во Вишото јавно обвинителство во Белград – Посебното одделение за сузбивање на корупција.

Кон крајот на февруари, српската полицијата влезе во канцелариите на пет невладини организации, вклучувајќи ја и ЦРТА, барајќи пристап до финансиската документација.
По 28 часа присуство, полицијата ги напушти нивните канцеларии, носејќи 8.500 страници копиран материјал. Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, изјавил дека истрагата е насочена кон тоа како овие организации ги трошат средствата добиени од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД), изразувајќи сомнеж за можни финансиски неправилности. Подоцна беше откриено дека обвинителката Јелена Милутиновиќ Жиљкиќ, назначена да го води случајот, претходно учествувала во проект финансиран од УСАИД, што предизвика дополнителни прашања во јавноста.

ЦРТА Србија: По 28 часа полицијата ги напушти нашите канцеларии

Makedonski