Мицкоски: Институциите им се на располагање за помош на семејствата од Кочани
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази сочувство за трагедијата во која загинаа над 50 луѓе во дискотека во Кочани. Тој ги повикува институциите, здравствените установи, полицијата и локалните власти да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства и најави дека Владата е мобилизирана за утврдување на причините за трагедијата.
„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна. Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови“, рече Мицкоски.
Тој најави дека во текот на денот ќе информира за следните чекори за расчистување на случајот и побара сите да покажат заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност.