Полицијата влегла во „Пулс“ пет минути пред да се случи пожарот, вели премиерот Мицкоски

10

Одоговарајќи на новинарско прашање зошто полицијата не ја затворила дискотеката „Пулс“ во Кочани пред да се случи пожарот во кој животот го загубија 59 лица меѓу кои и еден полицаец, а над 150 се повредени, премиерот Христијан Мицкоски рече оти припадниците на МВР влегле таму пет минути пред да се случи трагедијата.

Според него, полицијата не била таму да контролира дали дискотеката има важечка лиценца или не, туку се вршела проверка бидејќи постоеле информации дека се продава дрога и дека во местото има малолетници.

„Полицијата доаѓа пет минути пред да се случи, за жал овој настан, и во тој момент група полицајци е со лице за кое што постои основано сомневање дека врши недозволено тргување со недозволени материјали, а додека полицаецот кој што за жал е починат, врши легитимирање на гостите и констатира дали се тие малолетници или не се малолетници“, рече Мицкоски.

На прашањето дали тој ќе поднесе оставка, премиерот најави дека прво ќе го порази корумпираниот ситем, а потоа ќе оди на избори бидејќи како што рече, нема поголем суд од судот на народот.

„Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои и тука немам никаква дилема. Осум месеци, нецели девет работам онолку колку што можам за да го поразам овој корумпиран систем и тука немам никаква дилема. Дали треба да чувствува човек морална одговорност, да сите ние треба да чувствуваме морална одговорност. Дали само јас треба да чувствувам, ако е тоа потребно еве и тоа го прифаќам, целата морална одговорност на мене нека биде. Но, прво ќе го поразам овој систем, односно ќе биде како што треба, односно сето ова кое што денеска го започнуваме ќе вроди со плод. А потоа нема поголем суд од судот на народот на избори кој што треба да каже дали и кој треба да поднесе морална одговорност. А, јас ќе сторам сè што е во моја моќ како прв човек на владата, најрпвин цела оваа криминална политичка болумента која што нè уништуваше целиот овој период и нивните лакеи да ги поразам па дури потоа може да разговараме за сè друго“, рече Мицкоски.

Во неговото излагање пред прашањата на новинарите, Мицкоски најави дека мора да има кривична и морална одговорност, при тоа повторувајќи дека дискотеката „Пулс“ има фалсификувана лиценца добиена со мито.

„Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме. Во хируршки прецизна акција на институциите. Без милост“, рече тој.

Во однос на моралната одговорност, Мицкоски рече оти не му е потребна власт по секоја цена.

„Мора да демонстрираме ние како политичари нешто различно нешто цврсто и принципиелно, кое ќе може да го совлада овој систем кој ја проголтува нашата држава и е главна пречка и главна закана и опасност за тоа дали оваа земја ќе преживее или не. Или ќе нè биде овој пат или како држава ќе престанеме да постоиме. Овој пат нема да има повлекување“, рече премиерот.

Makedonski