Илјадници студенти се собраа на платото на УКИМ – министерката Јаневска исвиркана
Дождот во Скопје не ги спречи илјадниците студенти да се соберат на општествениот кампус на УКИМ за да изразат почит кон настраданите во трагедијата во Кочани, каде животот го загубија 59 главно млади лица, а уште 150 се повредени од кои 45 во критична состојба.
Покрај студентите, на платото на факултетот беа присутни ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, членови на Ректорската управа и министерката за образование, Весна Јаневска.
Говорот на ректорката Билјана Ангелова беше прекинат во моментот кога од насобраните студенти почнаа да извикуваат „Помош!“, поради тоа што на една девојка ѝ се слоши. Присутните побараа да ѝ биде однесена Кока-кола, а местото каде што се наоѓаше девојката беше прекриено со чадори од сите страни.

Фото: Мета.мкПо пауза од неколку минути ректорката го заврши говорот па по неа говореше министерката Весна Јаневска. За време на нејзиниот говор исто така се слушаа повици за помош, но министерката накратко продолжи со говорот по што беше исвиркана.
Веднаш потоа претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски им порача на студентите дека собирот бил за да се искаже почит кон жртвите, а не протест и ги замоли за тишина.
„УСС УКИМ ќе продолжи да ги организира овие собири во текот на цела недела. Ќе ве замолам да доаѓате на собирите и ако треба да помогнеме да помогнеме и да се организираме сите“, рече Николовски.
Се проценува дека на кампусот имаше од 3.000 до 5.000 студенти. Пред Правниот факултет е поставена книга на жалост, каде студентите испраќаат пораки на сочувство и тага. Внатре на факултетот исто така имаше стотици студенти.
Студентските организации синоќа ги повикаа точно на пладне сите студенти да одржат заеднички час на платото на УКИМ. Тие најавија дека секој ден од денеска до петок, 21.03 ќе организираат вакви собири на различни локации.