Напната атмосфера во Белград – распоредена полиција, но и воени ветерани, има инциденти

6

 

Реки луѓе се слеваат кон центарот на српскиот главен град, додека големиот се интензивира, а во градот се распоредени големи полициски сили. Денес во 16 часот ќе започне протестот пред Народното собрание под името „15 за 15“, на кој српските студенти и граѓаните на Србија ќе побараат одговорност од властите за смртта на 15 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Иако студентите од Електротехничкиот факултет во блокада соопштија дека локацијата се менува од безбедносни причини и протестот ќе се одржи на Славија, подоцна, беше објавено дека сепак ќе има собир пред Собранието, а на Славија ќе биде поставена бина. Синоќа еден студент-редар и еден професор од ЕТФ беа нападнати, а во центарот на градот, пред Собранието се забележани повеќе групи млади лица со качулки. Во тој дел од градот, во Пионерскиот парк, се наоѓаат шатори на една врста контра-демонстранти кои бараат студентите да се вратат на факултетите.

Кон протестот се упатија и ветерани од 63-та падобранска бригада на Србија со цел да ги заштитат студентите. Тие пред да појдат кон центарот на градот слушнаа молитва „Оче наш“ која на мегафон им ја прочита студент на Теолошкиот факултет. Ветераните формираа кордон пред Народното собрание.

Како што јавија српските медиуми, студентите кои пристигнаа во Белград од различни делови на земјата – со велосипеди, пеш или со превоз – и беа пречекани од голем број граѓани. Според проценките на српското Министерство за внатрешни работи (МВР), присутни биле околу 31.000 луѓе. Полицијата соопшти дека при пречекот биле уапсени две лица поради нарушување на јавниот ред и мир, а оштетен бил и голем број трактори кај Пионерскиот парк кои таму се поставени од страна на организаторите на протестот од безбедносни причини. Гумите на сите трактори во текот на ноќта биле исечени.

Пред Собранието денеска студентите ќе пристигнат од четири правци – од Автокоманда, Плоштадот на републиката, Булевар Крал Александар и од општина Нов Белград.

Јавниот превоз во градот беше прекинат уште утрово, нешто по 9:00 часот од безбедносни причини.

Makedonski