„Нова.рс“: Две трагедии и две различни реакции на властите – Во Србија се чека за одговорност на виновниците, во Македонија се апси

2

„Неодамнешната трагедија во Кочани, кога 59 лица загинаа во пожар во дискотеката ‘Пулс’, го потресе регионот и покрена бројни прашања за отчетноста и безбедносните пропусти. Многумина оваа несреќа ја споредуваат со уривањето на натстрешница во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога животот го загубија 15 лица, додека четири и пол месеци подоцна две лица сè уште се во болниците.

Иако околностите се различни, заеднички именител на овие трагедии е негрижата за основните безбедносни мерки и неодговорноста на надлежните институции кои требаше да спречат вакви катастрофи. Додека апсењата и оставките следеа по пожарот во Македонија набргу потоа, во Србија реакциите на Владата за несреќата во Нови Сад беа далеку потивки, речиси непостоечки“, пишува српскиот медиум Нова.рс.

Како еден заеднички именител на несреќите во Кочани и Нови Сад, српскиот медиум препознава дека тоа е што и „двете ситуации ги истакнаа сериозните недостатоци во системот и укажаа на длабоко вкоренетата корупција во двете земји“.

Но потоа се осврнуваат на различниот однос во барањето одговорност за трагедиите во двете земји. Се истакнува дека министерот за внатрешни работи на Македонија, Панче Тосковски веднаш признал дека пожарот во дискотеката Пулс е директен резултат на длабоко вкоренетата корупција во земјата.

„Тој (Тошковски) посочи дека клубот работел без лиценца, со несоодветни рути за евакуација и без основни мерки за заштита од пожари, што ги покажува катастрофалните пропусти на институциите кои требало да ја надгледуваат неговата работа.

Од друга страна, во Србија властите ја избегнаа одговорноста за трагедијата во Нови Сад, тврдејќи дека во реконструкцијата на железничката станица е вклучено се освен настрешницата. Сепак, снимките од местото на настанот јасно покажуваат дека и тој бил реновиран – но очигледно лошо и непрофесионално, што доведе до негов катастрофален колапс и смрт на 15 луѓе. За разлика од Македонија, каде веднаш следеа апсења и оставки, во Србија одговорноста продолжува да се префрла од институција на институција, без конкретни последици за одговорните“, прави споредба „Нова.рс“.

Понатаму се нагласува дека македонскиот министер  Тошковски еден ден по несреќата потврдил дека под истрага се 23 лица, а 11 се во притвор, додека во Србија, по трагедијата во Нови Сад ситуацијата била малку поинаква.

„Вишото јавно обвинителство во Нови Сад дури на 21 ноември, 21 ден по уривањето на настрешницата, соопшти дека се уапсени 12 лица во врска со уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Меѓу уапсените за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се и поранешниот министер Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски, Небојша Шурлан, Јелена Танасковиќ, како и Љиљана Милиќ Марковиќ, потпишана како главен проектант во главниот том за одобрение на проектот.

Новите апсења следеа навремено, поточно на 24 февруари. Уапсени се менаџерот за развој на инвестиции во ‘Инфраструктура на Железницата на Србија’ и тројца членови на Комисијата за технички преглед на Железничката станица во Нови Сад. Едно лице е во бегство и по него ќе биде распишана потерница. Тие се уапсени по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, поточно на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата, во врска со извршување на повеќе кривични дела со коруптивен елемент што резултирало со уривање на настрешницата“, се споредува во анализата на „Нова.рс“.

Што се однесува до трагедијата во Македонија, српскиот медиум нагласува дека градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ден подоцна поднесе неотповиклива оставка. За разлика од Папазов, тогашниот градоначалник на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, поднел неотповиклива оставка на 28 јануари, речиси три месеци по уривањето на натстрешницата. Покрај него, оставка поднел и сега веќе поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.

Истиот ден кога Ѓуриќ поднел оставка, истото го направил и премиерот на Србија, Милош Вучевиќ. Како што појаснил Вучевиќ, одлуката ја донел по нападот врз студентите во Нови Сад, каде, како што објаснија студентите во блокадата, група мажи со безбол палки бркале студенти кои наводно ставале налепници и цртале шаблони низ Нови Сад. Во тоа време, еден студент имал изместена вилица.

Како заклучок на анализата се укажува дека „токму поради ваквата состојба, во Србија со месеци траат студентските протести поддржани од огромен број граѓани“, со завршна констатција дека „и во Македонија луѓето излегоа на улиците и организираа масовни собири и во Кочани и во Скопје“.

Makedonski