Семејството на починатиот Ведат Адеми се сомнева дека му била дадена терапија која предизвикала алергија

11

Во Општата болница во Куманово завчера, на 17 март, почина 32 годишниот Ведат Адеми од Куманово. Тој претходно дошол на преглед откако се пожалил на стомачни тегоби. Според членовите на семејството, нему му бил даден лек на кој тој бил алергичен. Директорот на болницата, Стефан Трајановски, призна дека му била дадена терапија, но наместо подобрување, тој добил болки во градите, по што починал. Од полицијата го потврдија случајот и соопштија дека по наредба на обвинителството телото е предадено на обдукција и се чекаат резултатите. Ведат беше погребан денеска (18 март), пренесува Порталб.мк.

Амет Адеми за Порталб.мк раскажа што се случило.

„Син ми примаше терапија два пати на ден, наутро и навечер. Кога го однесов во болница за да прими терапија, имаше болки во стомакот. Легна за да ја прими терапијата, излезе еден доктор кој прегледуваше друг пациент, ги зеде документите и ги однесе во канцеларијата каде што беше другиот доктор кој му кажал каква терапија треба да прими син ми. Не знам што друго зборувале таму, но дојде медицинската сестра и му ја даде терапијата на син ми, ја пушти брзо и не го ни праша дали е алергичен на нешто, иако тоа беше напишано во документите што ги имавме со нас“, изјави таткото на починатиот.

Тогаш, како што раскажува тој, не поминале ни две минути и состојбата на син му се влошила.

„Син ми сам ја прекинал терапијата, и врисна „Тато, ме убија!“ Отидов да му помогнам, го испрскав со вода, вриснав. Дојде една медицинска сестра и и таа фрли вода врз него. Потоа дојдоа и други медицински лица, и ме изнесоа надвор. Настана хаос, трчаа, ги прашував „Жив ли е“, ми викаа докторката ќе ти каже. Потоа почина“, изјави Амет Адеми, таткото на починатиот.

Од СВР Куманово за Порталб.мк  изјавија дека по наредба на обвинителството телото е предадено на обдукција.

„На 17.03.2025 година во 11:35 часот од Општата болница Куманово во Секторот за внатрешни работи Куманово било пријавено дека со влошена здравствена состојба во болница дошол В.А. (32 години), кој по примање на дадената терапија по кратко време починал и извршен е разговор со целиот присутен медицински персонал“, изјавија од СВР Куманово, нагласувајќи дека се работи на расветлување на случајот.

Директорот на болницата, Стефан Трајановски, рече дека неколку секунди по примањето на терапијата пациентот се пожалил на болки во градите, терапијата била прекината и повикани биле анестезиолозите.

„По применетата терапија, по неколку секунди пациентот се пожалил на болка во градите, терапијата веднаш била прекината и бил повикана целата екипа на анестезиологија, анестезиологот со двајца техничари и започната е реанимација. За жал, реанимацијата не завршила позитивно и кај пациентот е констатирана смрт“, рече тој, нагласувајќи дека е известена полицијата и обвинителството и дека е запозната истрага”, рече  Tрајановски.

„Јас како директор ве уверувам дека по завршување на истражната постапка никој нема да биде ослободен од одговорност, тоа можам да ви го кажам! И пред јавноста гарантирам дека по завршување на истражната постапка никој нема да избега од одговорностѐ“, вети тој за ТВ 21.

Од Министерството за здравство за ТВ 21 изјавија дека формирале посебна комисија која ќе иницира вонреден увид од страна на Државниот санитарен инспекторат за откривање на евентуалните пропусти на медицинскиот персонал, извештај кој ќе биде доставен до обвинителството за понатамошни истражувања за случајот.

Ведат беше погребан денеска, а неговото семејство бара целосно растветлување на случајот.

Пишува: Албина Рамадани

Makedonski