Мариника Тепиќ објави фотографија на која наводно се гледа звучниот топ на српската полиција (Фото)

3

Потпретседателката на Партијата на слободата и правдата (ССП), Мариника Тепиќ, објави фотографија од протестот на 15 март во Белград на која се гледа уред што личи на звучен топ LRAD 450XL од компанијата “Genasys”, поставен на џип на српската Жандармерија во близина на Народното собрание, јави ТВ Н1.

Фотографијата, која пратеничката Тепиќ ја сподели на социјалната мрежа X, е направена од една од зградите во соседната улица. На неа се гледаат полициските сили распоредени околу Народното собрание, додека на Плоштадот Никола Пашиќ се одржува протестот организиран од студентите.

„Десно – собир на студенти и граѓани. Лево – полицијата држи звучен топ на џип кај Народното собрание на Република Србија“, напиша Тепиќ.

Потпретседателката на ССП оцени дека власта ги загрозила животите на граѓаните.

„Тие употребија звучни уреди што ги распоредија низ градот. Собранието на Србија беше испразнето за да можат непречено да ги паркираат возилата со LRAD 450XL“, изјави Тепиќ.

Таа најави дека на прес-конференција денеска во 13 часот ќе ги прикаже „сите монструозности на режимот и какви уреди набавиле за пресметка со граѓаните на Србија“.

Корисниците на социјалните мрежи од утрово објавуваат и фотографии од други агли, на кои се гледа полициско возило опремено со уред што наликува на звучен топ.

Makedonski