Нефункционалност или Собрание на „принуден“ одмор?
Врз основа на минатонеделните случувања поврзани со трагедијата во Кочани, како што и нагласуваат од собраниските служби, Собранието на Р.С. Македонија одлучило да не ја спроведе редовната седница наменета за пратеничките прашања како и да „паузира“ со работа цела недела што наиде на остри реакции од страна на јавноста.
Со оглед на тоа дека Собранието во моментов не е функционално, побаравме објаснување од поранешниот пратеник на ВМРО-Народна партија, Љупчо Балкоски:
Според Уставот, Собранието е највисок претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката. Во оваа тешка ситуација во Македонија, Собранието требаше и треба деноноќно да заседава и работи, да анализира и реагира, да ангажира во комисиите стручни лица кои заедно ќе достават измени во законите и Собранието ќе ги донесе, за нормално и правилно функционирање на државата.Со неработењето на Собранието само се докажува големата поделба и нефункционирање на општеството. Собранието требаше и треба да донесе: Резолуција за системски промени за функционирање на државата.
Со тоа треба да ја задолжи Владата да ги извршува поставените цели и активности.
Да потсетиме, во соопштение за јавноста собраниските служби информираа дека на претходна координација на која присуствувале претседателот, потпретседателката како и координаторите на пратеничките групи, консензуално одлучиле Собранието да ги прекине сите активности токму поради несреќата во Кочани.