Кочанскиот црн биланс од катастрофалниот пожар во кабарето „Пулс“ се искачи за уште една жртва
Во болница во Литванија починал пациент кој се лекувал откако настрадал во пожарот во импровизираната кочанска дискотека „Пулс“. Идентитетот на жртвата сè уште не е потврден официјално, но повеќе медиуми од земјава објавија дека станува збор за Александар Карадаковски, управителот на компанијата „МММ Кафе“ ДООЕЛ којашто управувала со кабарето „Пулс“.
Ова е 60-та жртва од пожарот во Кочани кој се случи утрото на 16 март.
Министерството за здравство закажа прес-конференција во 13:30 часот, на која се очекува официјална потврда на идентитетот на починатиот пациент. Покрај Карадаковски, во Литванија во моментов се лекува уште еден повреден во несреќата – Андреј Постоловски.
На 16 март во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани се случи пожар во кој животот го загубија 59 лица, а од нив 6 малолетници, додека околу 200 беа повредени. Првичните сознанија покажаа дека дискотеката работела со фалсификувана лиценца.