Честитки од Сиљановска-Давкова и Мицкоски по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите

7

„Верувам дека не случајно тркалото, симболот на вашето етничко знаме, по долги патешествија запрело и на македонска почва на која сте свиле дом.  Со културната посебност и свест, вие израснавте во важен и вреден сегмент на македонското општество, неверојатно талентиран за музика и игра, уметнички вдахнат, скромен!

Влеговте во Уставот, се изборивте за ромска општина и ромски јазик како службен во неа, основавте и развивте успешно средно училиште, формиравте партии и граѓански здруженија и станавте политички фактор, влеговте во Собранието, освоивте градоначалнички и министерски позиции, но и раководни места во важни државни органи и институции, станавте музички славни преку врвни културно-уметнички друштва, пејачи и диригенти, се стекнавте со универзитетски дипломи од различни области, ве опишаа во филмови и серии, ве опеаја, насликаа…

Докажавте дека сте креативна, способна, вредна и адаптибилна заедница што заслужува почит.

Но, празников ме потсетува дека сте сè уште најсиромашната, најранливата, најмаргинализираната, најобесправената и најдискриминираната заедница.

Време е да преминеме од зборови на дела, реално да ве поддржиме, да ви дадеме приоритет, да посегнеме по афирмативна акција и инклузивни политики, да ви овозможиме да ги изразите и докажете способностите и идеите, да ги вградите трудот и знаењето во развојот на демократското општество.

Ромите се богат човечки потенцијал што мора да се впрегне во општествениот погон.   Да го завртиме ромското тркало дома, ама не само на 8 Април, туку постојано, посилно, побрзо и подалеку, во интерес на прогресот“, се вели во честитката на претседатрелката на Македонија.

Во честитката на Мицкоски се вели дека Владата во периодот кој следи ќе го подигнеме социјалниот и економски статус на Ромите.

 

„Во името на Владата и во мое лично име на сите граѓани од ромската етничка заедница им го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Македонија е земја која историски и традиционално гледано секогаш била пример за толеранција, разбирање и инклузивност на своите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Наш предизвик и цел како Влада и како држава, во периодот кој следи, е да го подигнеме социјалниот и економски статус на Ромите, а со тоа и подобрување на целосната положба на Ромите во сите сфери на општественото живеење.
Ова е процес кој мора да започне од потполна достапност до системот на образование и едукација, преку организиран и институционален систем на заштита од дискриминација, до апсолутна вклученост на Ромите во економските и социјални текови на нашата заедница. Македонија е земја со ограничени ресурси и затоа мора својот приоритет да го постави во насока на искористување на сите кадровски и човечки потенцијали со кои располага, со стремеж постигнување на заеднички напредок.
Најдобар одговор за социјалното и економското назадување е образованието. Нашите напори се да воспоставиме реформи кои земјава ќе ја реформираат, унапредат и обезбедат иднина и развој.

Мораме да ја претвориме нашата земја во држава која дава еднакви можности на сите, која ќе го цени и вреднува успехот и квалитетот на индивидуалецот, како предуслов за градење на подобра иднина на сите.

Заедно можеме повеќе, подобро и само така Македонија ќе биде нашиот заеднички дом“, се вели во честитката на Мицкоски.

Makedonski