MВР: Не внесувајте лични податоци ако ви стаса порака со такво барање на мејл, смс или на месинџер
Секторот за компјутерски криминал при МВР презема мерки за истраги и справување со фишинг напади, кои имаат за цел да ги измамат граѓаните и да ги добијат нивните лични или финансиски податоци, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Ве информираме дека е забележана појава на достава на лажни фактури за уплата на парични средства на електронските адреси на вработени во правни лица кои се овластени за истото, во име на управителите на правните лица, но од лажни електронски адреси“, се вели во соопштението на МВР.
Фишинг нападите најчесто се изведуваат преку лажни електронски пораки, веб-страници или пораки на социјалните мрежи, кои изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори, како што се банки, државни институции или познати компании.
„МВР апелира до граѓаните да не се отвораат линкови или прилози од сомнителни е-пораки, да се проверува адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да не се внесуваат лични податоци (кориснички имиња, лозинки, броеви на платежни картички) на сомнителни веб-страници, да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на сметките и пријавете сомнителни пораки кај надлежните институции или во вашата банка“, наведено е во соопштението на МВР.