Се шири истражниот периметар за кочански „Пулс“ – истрагата опфаќа нови 19 лица
Поранешни но и актуелни директори и министри се опфатени во проширената истрага за кочански „Пулс“.
Според МВР, а по претходна наредба на надлежните обвинители побарано е да се обезбедат актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, но и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами.
Во истрагата исто така се опфаќаат и поранешните министри за економија Беким Незири, Ваљон Сарачини и актуелниот амбасадор во Кралството Норвешка, а поранешен министер за економија, Дритон Кучи.
Како што дознава Македонски Радио Портал, во истрагата вклучени се уште и поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски и поранешниот директор на пазарен инспекторат, Виктор Дерменџиев.
Се работи за службени лица, функционери, кои од 2012 па се до кобната вечер на 16.03.2025 секој во своето поле на дејствување покрај големите надлежности и одговорности не постапиле според Законот и прописите и со тоа предизвикале опасност по животот на луѓето и имотот од широки размери.
ОЈО Кочани соопштува дека до овој момент осомничени се 52 лица меѓу кои се и градежни инспектори, директори, генерални инспектори од ДЗС, министри, државни секретари и други службеници како и инспектори од ДПИ.