Велики Четврток – едни наспроти други, љубовта наспроти предавството

48

Пишува: Дино Блажески

 

Како најдобро да се каже и раскаже за Велики Четврток, можеби еден историски и духовен настан кој самиот по себе секој ден и секој час го отсликува животот во Македонија и во светот ставајќи ги едно наспроти друго доброто и злото. Впрочем таков е и денот, отсликува две собитија кои резултираат со огромни промени во човековиот живот.
Неслучајно ги споредувам тие настани со денешните во Македонија, звукот на борбата помеѓу доброто и злото секојдневно се погласно и погласно се слуша, се поголема жртва се дава, но она што не држи во некаков континуитет и мотив за издржливост во таа борба против злото е решителноста за извојување победа во таа нерамна и многу мачна војна.

Ова не е писание за да се критикува, ниту пак е писание за да собира популарност и „лајкови“, ова е писание за да дадеме дознаење дека надвор сеуште има луѓе кои знаат да расудуваат, да проценат чија страна е вистинската. Не мислам ниту партии, ниту на идеологии, ниту на некакви чудни уверувања кои за жал постојат во ова наше мало парче земја наречено Македонија.

На овој ден припомнуваме на Христовата спасителна трпеза на која ги гости своите пријатели со храната на бесмртноста да ги нахрани и од чашата на животот да ги напои. Денеска
Господ оди да ја испие горката чаша на страдањата и смртта, целиот Себеси се дава, животот Свој го дава, за ние да живееме во сладоста на Неговиот живот.

Но денеска потсетуваме и на собранието кое лукаво носи одлука да го предаде на страдање оној кој лукавство нема, денеска се се озаконува неправедна одлука и на смрт го предаваат единствениот Праведник, кој никаков зло не направил. Денеска среброљубивиот го открива своето лице, му одредува цена на оној кој нема цена и го продава оној кој од небото се симнал за со својата крв да го откупи гревот на целото човештво.

Не може а да не затрепери срцето за време на овие денови, за овие два крајно спротивставени собитија. Но на крајот од денот мислата на Св. Јован Златоуст ќе ја открие суштината:

Предадениот го спаси светот, а предавникот си ја уништи душата.

За крај, сите ние можеме да сме со Него, затоа што сме повикани да земеме дел од Него во Неговото големо и несфатливо таинство. Собрани на „тајни вечери“ во нашите свети домови со кротко срце да го молиме Господа и устата своја да ја подадеме за Неговото Божество да го примиме и со Него за се соединиме.

Никогаш не смееме да ја предадеме љубовта со која Он не возљуби, ниту пак да се покажеме неверни кон Оној кој не научи на верност и ги избави нашите животи од пропаст.

На Твојата Тајна Вечера, денес Сине Божји, прими ме за учесник, зашто нема да ја откријам Тајната на Твоите непријатели, ниту ќе ти дадам целив како Јуда. Но, како разбојникот, Те исповедам: спомни си за мене, Господи, во Царството Твое.
Амин.

Makedonski