ИРЛ: Во Крива Река завршил осиромашен олово – цинков концентрат од Тораница
Хаваријата во рудникот Тораница, на 14 март годинава, кога во Крива Река се излева сива маса налик бетон настанала затоа што над цевката што пукнала во кругот на рудникот, се чувал осиромашен олово – цинков концентрат којшто водата го повлекла и го однела во реката, пишува Истражувачка репортерска лабораторија ИРЛ во истражување во кое хронолошки ги анализира настаните поврзани со случајот.
„Булмак 2016“ не е кој било инвеститор, пишуваат од ИРЛ, зад него стојат луѓе поврзани со организираниот криминал во Бугарија. Раководството на рудникот често може да се види со високи функционери – како на пример поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот Христијан Мицкоски.
Оловна река
Истражувањето ја открива хронологијата на настаните кои почнуваат на 14 март годинава, кога чистата планинска вода на Крива Река по течението потемне со темна сива боја. Тоа создаде вознемиреност и паника меѓу граѓаните на Крива Паланка и околните населени места. Повици од загрижени граѓани утрото добил и општинскиот инспектор за животна средина, Зоран Павловски од Крива Паланка. Меѓу другите, нему му се јавил и неговиот колега, Зоран Стојнев од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Го замолил да појде до рудникот и да направи увид, иако самиот Павловски не бил надлежен за инспекција на рударскиот капацитет којшто има А интегрирана еколошка дозвола. Такви ингеренции имале само инспекторите од ДИЖС, но тие дента, заедно со директорката Ивана Гиновска, биле во работна посета на соседниот рудник Саса во Македонска Каменица, на околу 2 часа возење од Тораница.
Првиот впечаток на локалниот инспектор Павловски бил дека се работи за голема еколошка катастрофа.
„На мостот на Крива Река во село Узем, оваа темносива боја беше уште позначителна и тоа првично ми укажуваше дека во самиот рудник Тораница, на јаловиштето или во процесот на флотација, се има случено хаварија“, рече Зоран Павловски за ИРЛ.
Неговиот колега од ДИЖС, Зоран Стојнев, кој инаку до 2022 година бил вработен во „Булмак 2016“, му рекол дека тие ќе направат увид кога ќе се вратат, доколку е потребно. Без да направат сопствен увид, повикувајќи се само на напишаното од концесионерот, државните инспектори известија дека водата што истекла не содржела хемиски средства бидејќи била истечена пред да дојде во погонот за преработка на рудата, односно оти е само заматена, пишува ИРЛ.
Ден по хаваријата и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски повикал акредитирана лабораторија (скопската „Технолаб“) да земе примероци од водата во Крива Река за да утврди евентуално присуство на отрови.
Освен со цијанид, анализата покажа и десеткратно зголемување на концентрациите на олово над граничните вредности и зголемени концентрации на други тешки метали.
Што се обиде да скрие концесионерот и што навистина се случило
Концесионерот на рудникот Тораница, компанијата „Булмак 2016“ дури на 2 април на прес-конференција хронолошки ги опиша настаните како што се случувале на 14 март.
„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанции. Тоа значи дека краткорочното заматување на Крива Река е како резултат на поројот од надојдената вода која со себе влечела земја, песок и кал“, рече тогаш директорот на „Булмак 2016“, Тони Тоневски.
Пред да влезе во рударскиот бизнис, тој во два мандата беше градоначалник на Пробиштип како кадар на сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Хаотични анализи и резултати
Анализа на загаденоста на водата направија општината, рибарите и самиот концесионер „Булмак 2016“, но не и Државниот инспекторат за животна средина, чија обврска е токму тоа.
Резултатите не можат да се споредат бидејќи сите примероци биле земани од различни локации и во различно време. Се испитувало присуство на различни супстанции.
Но, сите анализи водата ја категоризирале како петта категорија што значи многу загадена и оти не смее да се употребува за ниту една намена. Концентрацијата на штетни супстанции ги надмина дозволените нивоа на токсичност за водниот свет.
Директорката на ДИЖС, Ивана Гиновска, потврди дека нејзините инспектори дента кога настанала хаваријата, не зеле мостри од реката, иако во услови на итност имаат таква можност, според Законост за инспекциски надзор во животната средина.
Експертите што ги консултиравме велат дека доколку се потврди дека во реката всушност завршил некаков концентрат на олово или цинк, тогаш станува збор за исклучително опасно загадување.
„Осиромашен концентрат е многу побогат со тешки метали како олово или цинк отколку јаловината, па оттука и поопасно е евентуалното такво излевање. Дополнителни анализи треба да покажат колкаво е загадувањето, бидејќи овие тешки метали се таложат во милта во водата“, ни рече Трајче Стафилов универзитетски професор од Институтот по хемија и врвен експерт за загадување на животната средина со тешки метали.
Во отсуство на нови анализи од надлежните државни институции, Стафилов ни сподели дека пред десетина години неговиот тим правел испитувања на седиментите од Крива Река. Утврдиле дека има присуство на тешките метали, олово, арсен, кадмиум над интервентните вредности, односно екстремна загаденост дури до 25 километри по течението на реката.
Целото истражување на следниот линк.