Веќе три дена траат блокадите и протестите пред седиштето на Јавниот сервис во центарот на Белград, поради незадоволство, како што велат присутните, од известувањето на Радио-телевизијата на Србија (РТС) за повеќемесечните студентски протести, пренесуваа Би-Би-Си Србија.
Студентите кои со месеци ги блокираат факултетите во Србија, на 14 април ненадејно ги блокираа влезовите во објектите на РТС во Белград и Радио-телевизијата на Војводина (РТВ) во Нови Сад. На нив им се придружија и граѓани.
Зградите на РТС на улицата Таковска во центарот на Белград, како и во населбата Кошутњак, каде што се наоѓа големиот студиски комплекс, сѐ уште се блокирани. Помала група луѓе и понатаму го блокира главниот влез на зградата на Радио-телевизијата на Војводина (РТВ) во Нови Сад.
РТС тврди дека блокадите се незаконски и бараат од студентите да ги прекинат. Од РТС велат и дека на пристапите до зградата во Кошутњак демонстрантите испишале графити.
Претходно со графити беше испишана и зградата на РТВ во Нови Сад. Во текот на целата блокада, РТС емитува програма, но со видливи ограничувања и одложувања на некои емисии. На 17 април наутро, не беше емитувана редовната емисија „Утринска програма“, која се прикажува со децении..
Некои корисници на социјалните мрежи, особено на Икс, изминативе денови објавуваа телефонски броеви на поединечни новинари и уредници на РТС, што беше осудено од двете најголеми новинарски здруженија, оценувајќи го тоа како недозволиво таргетирање и загрозување на безбедноста на вработените во Јавниот сервис.
Блокадата на РТС ја осуди и претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој веќе неколкупати досега остро му забележа на Јавниот сервис за известувањето за повеќемесечните антивладини протести во Србија.
„Никој не е уморен, РТС е блокиран“
Собраните пред главната зграда на РТС повремено извикуваат: „Никој не е уморен, РТС е блокиран“. Ден претходно, на 16 април наутро, полицијата одлучи да интервенира и да ги потисне демонстрантите кои го блокираа еден од влезовите во зградата на РТС во центарот на Белград. Полицијата во опрема за растерување на демонстрации ја опкружи групата луѓе кои сакаа да ја продолжат блокадата на РТС и имаше туркање и кошкање.
Владимир Штимац, поранешен кошаркарски репрезентативец и опозиционер, се обиде да ја смири ситуацијата, а присутните во еден момент извикуваа кон полицајците: „Спуштете ги штитовите“ и ја отпеаја химната на Србија „Боже правде“.