Путин прогласи едностран прекин на огнот во Украина за празникот Велигден

3

Рускиот претседател Владимир Путин објави еднострано велигденско примирје во војната во Украина, соопшти Кремљ. Од украинска страна засега нема официјална реакција.

„Денеска од 18:00 (15:00 по Гринич) до полноќ во недела (21:00 по Гринич), руската страна прогласува велигденско примирје“, изјави Путин во телевизиско обраќање во саботата, додека разговараше со началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов.

Путин изрази очекување дека Украина ќе го следи примерот на Русија и додаде дека постапките на Киев за време на примирјето ќе покажат дали е подготвен за мирно решавање на конфликтот.

Сепак, тој му нареди на Герасимов да ги подготви трупите за одбрана во случај на прекршување на примирјето од страна на Украина.

Руското Министерство за одбрана на платформата Телеграм соопшти: „Режимот на прекин на огнот се воведува од хуманитарни причини и ќе го почитуваат Заедничките руски сили, доколку истиот биде взаемно почитуван од страна на киевскиот режим.“

Минатиот месец, Путин се согласи на 30-дневна пауза од нападите врз енергетската инфраструктура во Украина, по телефонски разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Сепак, двете страни пријавија бројни случаи на продолжување на нападите и покрај договорот.

Путин одби да ја прифати пошироката иницијатива за 30-дневно примирје поддржана од САД, која Украина изрази подготвеност да ја спроведе.

Според руски медиуми, во саботата Путин ја обвини Украина дека над 100 пати го прекршила примирјето преку напади на енергетски објекти, но нагласи дека состојбата на фронтот засега е поволна за руската страна.

Тој исто така изјави дека Москва „секогаш била подготвена за преговори“ и ги поздрави напорите на САД, Кина и други држави за постигнување правично решение за Украина.

Makedonski