Велигденски честитки на претседателката Сиљановска-Давкова до поглаварите на христијанските цркви во Македонија

1

„Почитуван г. г. Стефан,

Имам особено задоволство и голема чест Вам, лично и на членовите на Светиот архијерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на православните верници, да ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да ви посакам да го поминете во добро здравје, во љубов, радост и среќа.

Христовото воскресение, како стожер на верата, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовностa и да даруваме љубов секому и секаде.

За време на велигденскиот пост ни се случи досега незапаметена трагедија во современата историја на нашата татковина. Најискрено се надевам дека Велигден ќе ни донесе утеха, добра мисла и оптимизам сплотени и солидарни да ги надминеме искушенијата.

Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани. Да правиме добри дела и да им помагаме на сите кои имаат потреба од помош и поддршка. Христос воскресна!“, му порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Обраќајќи се до скопскиот бискуп и епарх струмичко-скопски на Католичката црква, д-р Киро Стојанов, претседателката на Македонија изрази надеж  декат тоа што сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум оваа година да биде поттик за сплотеност и за заедништво.

„ Почитуван д-р Стојанов

Ми претставува особено задоволство, Вам и на верниците на Католичката црква во Македонија, да ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден и да ви посакам мир, хармонија, среќа и бериќет.

Најискрено се надевам дека велигденските празници ќе им донесат радост во душата и љубов во срцето на сите верници, исполнувајќи ги со ведрина и оптимизам.

Како стожер на христијанството, Велигден ги осмислува животите на верниците, зацврстувајќи ја нивната духовност, вдахнувајќи им верба и надеж. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност и за заедништво, како кај нас, така и во целиот свет.

Верувам дека со посветеност и одговорност ќе ги пребродиме тешкотиите и ќе придонесеме за просперитетот на државата и благосостојбата на нашите граѓани“, напиша во велигденската честитка, претседателката Сиљановска-Давкова.

 

Во честитката во Емил Заев, претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква претседателката порача „да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции“,

„Почитуван г. Емил Заев,

Дозволете ми Вам, лично, како и на припадниците на Евангелско-методистичката црква, да ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден, од срце посакувајќи ви празничните денови да ги поминете во радост, среќа, љубов и хармонија.

Велигден е извонредна можност да им се посветиме на нашите најмили и најблиски со љубов, ведрина и оптимизам. Да чиниме добрини и да бидеме хумани и благородни.

Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила, сплотени да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво.

Да си бидеме поткрепа едни на други, да се храбриме и да шириме позитивни мисли и емоции. Нека ни е честит Велигден!“, ги изрази своите велигденски честитки претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

 

Makedonski