Таравари потврди дека разговарал со Ахмети, но само телефонски
Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој реши на локалните избори да оди со свои советнички листи, што беше причина да се разниша коалицијата ВЛЕН, потврди дека разговорал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Таравари, како што пренесува телевизија Алсат, во интервју за „Лајм“ изјавил дека немал средба со Ахмети, туку дека разговарале телефонски.
На новинарско прашање дали имал средба со Ахмети или, пак, очекува да имаат Таравари вели: Не, не, не. Имаше телефонски разговор и тоа е.
Претходно, по информациите дека тој е во комуникација со Демократската унија за интеграција, неговиот коалиционен колега од ВЛЕН, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити го повика Таравари да пресече дали е дел од нив или е во преговори со ДУИ и Али Ахмети.
Околу превирањата во ВЛЕН и влијанието врз владината коалицијата, вчера во интервју за телевизија Алсат, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека не се задоволни што има вакви турбуленции кај нивниот коалиционен партнер. Тој додаде дека ова е партискиот став.