Студентите во Србија, заедно со илјадници граѓани, Велигденската ноќ ја поминаа на протести
Српските студенти веќе шест ноќи ја блокираат зградата на Радио телевизија на Србија (РТС) и комплексот на студија на јавниот сервис во Белград. Тие го дочекаа Велигденското утро со илјадници граѓани кои ги поддржуваат во центарот на градот и најавија дека блокадата која започна на 14 април во 22 часот ќе трае до објавување на нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Студентите и вчеравечер ги блокираа и сите главни влезови во зградата на РТС, како и сите споредни влезови. На блокадата беа присутни и студенти од Нови Пазар кои за време на велигденските празници дојдоа да им помогнат на колегите од белградскиот универзитет.
Граѓаните на студентите постојано им носат храна, сокови, вода и други неопходни работи, а минатата вечер им донесоа и вапцани јајца. Насобраните на полноќ ги запалија светилките на телефоните, ја пееја химната и така го дочекаа големиот христијански празник.
За вторник студентите на Медицинскиот факултет во Крагуевац најавија протест пред нивниот факултет и ги повикаа сите да дојдат бидејќи, како што велат, им е потребна помош повеќе од кога било.