Загинаа 26 лица и 17 се повредени во напад врз туристи во индискиот дел на Кашмир
Најмалку 26 лица загинаа, а 17 се повредени во вооружен напад врз туристи во индискиот федерален регион Џаму и Кашмир, соопшти полицијата. Овој напад, кој се случил во вторникот во пределот Пахалгам, е најсмртоносниот врз цивили во Индија во последните речиси две децении, пренесе Ројтерс.
Според информациите, меѓу загинатите има 25 индиски државјани и еден државјанин на Непал. Нападот се случил во планинска ливада во живописниот регион, кој во последните години бележи зголемен број туристи поради намалувањето на насилството поврзано со долгогодишниот антииндиски бунт.
Индискиот премиер Нарендра Моди го прекина дводневниот службен престој во Саудиска Арабија и итно се врати во Њу Делхи, каде одржа состанок со националниот советник за безбедност, министерот за надворешни работи и други високи функционери. Министерката за финансии Нирмала Ситараман, исто така, го скрати своето патување во САД и Перу за да се врати во Индија.
Одговорноста за нападот ја презеде мала милитантна група под името „Кашмирски отпор“, тврдејќи дека жртвите не биле обични туристи, туку лица поврзани со индиските безбедносни служби. Во нивното соопштение се наведува дека станувало збор за „прикриена операција со задача за разузнавање“.
Индијските власти сметаат дека групата „Кашмирски отпор“ е параван за пакистански милитантни организации како што се Лашкар-е-Таиба и Хизбул Муџахидин. Пакистан, пак, негира каква било вмешаност, наведувајќи дека само „морално и дипломатски“ ја поддржува борбата на Кашмирците.
Нападот се смета за тежок удар за политиката на Моди и неговата владејачка партија БЈП, кои го истакнуваа укинувањето на автономниот статус на Џаму и Кашмир како клучен чекор за донесување мир и развој во регионот со мнозинско муслиманско население.
По нападот, индиските безбедносни сили спроведоа масовна операција за пребарување на шумскиот појас околу Пахалгам. Над 100 лица кои претходно биле под сомнение за поврзаност со милитанти биле повикани на распит.
Нападот предизвика масовна евакуација на туристи од регионот. Многу училишта беа затворени, а локални организации повикаа на еднодневен протестен прекин на работата. Патиштата беа блокирани поради обилни дождови, а побарувачката за летови од Сринагар значително се зголеми. Министерот за авијација најави четири вонредни летови и побара авионските компании да не ги зголемуваат цените на билетите.
Иако војната во Кашмир трае од 1989 година, нападите врз туристи се ретки. Последниот ваков инцидент се случи во јуни 2024 година, кога девет лица загинаа, а 33 беа повредени во напад врз автобус со хинду аџии.