Новинарите од интернет порталите од вчера се и официјално новинари

1

Овие измени се донесени на иницијатива на здружението Онлајнмедиа.мк, чии членови повеќе од две години лобираа за донесувањето на овие измени во Законот за медиумите. Еве што за тоа вчера објави во својот коментар колегата Бранко Героски, главен уредник на порталот Плусинфо.мк.

„Од моментот кога првичниот нацрт на овој закон стана јавно достапен на платформата ЕНЕР, сè до неговото донесување денеска, помина безмалку цела година. Министерството за информатичко општество и администрација, како предлагач на измените на Законот за медиуми, ги консултираше сите фактори во медиумската заедница. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и новинарскиот синдикат (ССНМ) организираа дебати на оваа тема, со претставници на Владата и на медиумите. Нивните барања, во форма на амандман, во Законот ги внесоа пратеници на владејачката коалиција.

Не паметам некој друг закон скоро да е донесен после толку опсежна јавна расправа и со толкав степен на кооперативност на предлагачот.

Со олкав „мастраф“, устав ќе донесевме, а не закон. И ќе го сменевме барем еднаш…

Како и да е, сакам да ѝ се заблагодарам на Владата што ја препозна потребата онлајн медиумите, односно интернет порталите, да станат дел од Законот за медиуми и да се формира државен регистар на интернет портали, како што се регистрите на електронските и на печатените медиуми.

За разлика од новинарските здруженија со кои дебатиравме во разни прилики повеќе од две години, кои до последен момент останаа резервирани во поглед на потребата итно да се „озаконат“ интернет порталите, премиерот Христијан Мицкоски, министерот Стефан Андоновски и другите претставници на Владата со кои разговаравме, со ентузијазам го прифатија фактот дека доминантниот сегмент на медиумската индустрија не смее да остане во сивата зона и дека интернет медиумите веќе не смеат да бидат третирани како не-медиуми, а стотици новинари кои работат во редакциите да останат не-новинари.

Би сакал лично да им честитам на сите новинари и медиумски работници и на сите издавачи на интернет портали на новостекнатиот законски статус. Измените во Законот за медиуми ќе поттикнат натамошна професионализација на интернет порталите и подигање на квалитетот на онлајн новинарството. Тоа е важно за целото општество.

Колеги новинари, уредници и издавачи на интернет портали, од денеска сте дел од Законот за медиуми. Многумина од вас можеби и не знаат зошто е тоа важно. Можеби сте мислеле дека вашиот професионален и општествен статус бил неспорен, иако до денеска ве немаше во Законот за медиуми. Тоа, се разбира, не е така. Но, од денеска таа дилема веќе е дел од историјата – од денеска вие во Законот за медиуми имате рамноправен статус со вашите колеги во т.н. традиционални медиуми.

Нема да ја пропуштам приликата да изразам и јавно разочарување од отпорот на новинарските здруженија (со исклучок на Македонската асоцијација на новинари) кон иницијативата на нашето здружение Онлајнмедија и кон нашата упорна борба интернет порталите да влезат во Законот за медиуми.

Прво се соочивме со оспорувања на непобитниот факт дека онлајн медиумите се доминантен сегмент на медиумската индустрија, како насекаде во светот, така и во Македонија. Се соочивме со отпори кои наликуваа на своевидно „лудистичко движење“ против промените што технолошката револуција ги предизвика во светот на медиумите. Ги истрпивме и неумерените критики и стигматизацијата на интернет порталите, дека биле најнепрофесионални и најнеетички и дека биле „дно на новинарството“.

Кога стана јасно дека нема да отстапиме од иницијативата и дека имаме одлучна поддршка од Владата, секташки настроените здруженија ја сменија тактиката – ја лансираа тезата дека не ни се потребни парцијални промени на Законот за медиуми, туку нов закон.

Кога Владата ја прифати таа иницијатива на ЗНМ и на ССНМ, но кажа дека тоа не ја исклучува потребата од итна промена на Законот заради „озаконување“ на интернет порталите, ЗНМ и ССНМ преминаа на последната линија на отпорот – побараа услов за запишување на интернет порталите во државниот регистар да не биде тројца или двајца вработени, туку само еден, бидејќи имало многу локални и мали медиуми кои не можеле да ангажираат повеќе од еден вработен и еден хонорарец.

Како иницијатори, ние од Олчајнмедиа уште при отворањето на оваа полемика и на некои други, помалку важни теми поврзани со законското решение, изразивме спремност за компромис. Бидејќи бевме и сме оптимисти дека сите медиуми и сите „чауши“ во здруженијата, порано или подоцна, ќе сфатат дека интенцијата на законодавецот не е да создава ограничувања, туку да поттикнува професионализација во онлајн новинарството.

Нема новинарство без редакции, драги мои.

Каква е таа редакција со еден вработен и со еден хонорарец?

Замислете, ССНМ и ЗНМ, кои на цела уста се борат за повисоки новинарски плати и за намалување на прекаријалната работа, предложија минималниот услов за запишување на државниот регистер да биде еден вработен и еден хонорарец?!

За секој случај, медиумите на кои иницијативата на здружението Онлајнмедиа им беше трн во окото од самиот почеток, ја пласираа и лажната вест дека интернет медиумите кои нема да ги исполнат условите за запишување во државниот регистар ќе биле укинати. Небаре е ова Северна Кореја…

Ги издржавме сите притисоци. Измените на Законот за медиуми не се целосно според нашата првична иницијатива, но сега е најважно тоа што Законот конечно ги „препозна“ и ги „прифати“ интернет порталите како медиуми, а луѓето вработени во нив – како новинари. Здружението Онлајнмедиа активно ќе учествува и во процесот на подготовка на новиот закон. Знаеме дека во ЗНМ не нè „мирисаат“, но ако нејќе Мухамед да тргне накај брегот, тогаш брегот ќе тргне накај Мухамед.

Нашето здружение е формирано заради заштита на интересите на онлајн медиумите, кои се доминантен и најбрзо растечки сегмент на медиумската индустрија. Ќе бидеме активни, има и други закони што треба да се сменат. Има важни статусни прашања што треба да се решат. Ќе ги продлабочиме односите со компаниите од реалниот сектор на економијата, ќе разговараме многу и упорно со маркетинг и пи-ар агенциите, ќе бараме решенија за образување млади новинари и други медиумски работници…

Голема работа нè чека. А засега работиме про боно, да не речам ангарија…

Затоа, ги повикувам сите интернет портали да ни се придружат во нашето здружение. Ние не сме невладина организација како оние кои „висат“ на проекти за да преживеат само раководствата и ангажираните во проектите. Ние не сме секташки настроени, меѓу нас има такви со различни, па дури и со спротивставени уредувачки политики. Ние сметаме дека тоа не е наша слабост, туку предност. Тоа покажува дека умееме да ги препознаеме заедничките интереси кои нè поврзуваат и кои од нас бараат заедничка акција.

Повелете на нашиот прв следен состанок, почитувани колеги, па самите ќе се уверите во тоа“.

Makedonski