Смртоносен напад со ракети и дронови врз Киев, загинаа најмалку девет лица
Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 60 се повредени, меѓу кои и деца, во ноќен напад со руски ракети и дронови врз украинската престолнина Киев, соопштија локалните власти.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека паднатите остатоци од дроновите предизвикале неколку пожари, а постои стравување дека под урнатините од едната уништена станбена зграда има затрупани лица.
Напади се случиле и во североисточниот град Харкив, каде според градоначалникот се повредени најмалку двајца.
Овие напади доаѓаат само неколку часа откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека ги поткопува мировните преговори. Зеленски повтори дека Украина нема да го признае руското владеење врз Крим.
Украина повеќепати има изјавено дека нема да се откаже од Крим, кој беше нелегално анектиран од Русија во 2014 година.
Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна инвазија врз Украина во 2022 година, а Москва во моментов контролира околу 20 отсто од украинската територија.
Украинската служба за вонредни состојби (ДСНС) и Министерството за внатрешни работи потврдија дека девет лица загинале во нападот врз Киев.
Кличко преку објава на социјалните мрежи информираше дека меѓу повредените има шест деца и една бремена жена.
„Избија пожари на шест локации“, напиша тој, додавајќи дека „има луѓе под урнатините“ од срушената зграда.
Министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, изјави дека „се слушаат телефонски повици од под урнатините“, како и дека две деца се водат како исчезнати.
Спасувачки тимови со кучиња трагачи пребаруваат низ урнатините во потрага по преживеани.
Најтешко погоден бил западниот округ Свјатошински на главниот град, соопшти Кличко.
На социјалните мрежи се појавија видеа за кои се тврди дека прикажуваат момент кога ракети ја погодуваат територијата на Киев и предизвикуваат огромни пожари.
Во Харкив, град што се наоѓа на околу 40 километри од руската граница, биле оштетени неколку приватни куќи, изјави градоначалникот Игор Терехов.
Украинските воздухопловни сили предупредија дека речиси сите региони на земјата се под закана од воздушни напади.
Руската војска сè уште нема коментирано за нападите. Во објава на социјалните мрежи, руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле уништени или пресретнати 87 украински дронови над неколку руски региони.