Интервју со Бојан Петровски: Нека ве носат вредностите и желбата за промена пред капиталот.

255

Денеска зборуваме за светот на финансиите и претприемништвото — предизвиците, можностите и стратегиите што го обликуваат модерниот бизнис.
Бојан Петровски има уникатна перспектива и искуство што ќе ви помогне подобро да го разберете финансискиот пејзаж.

Како започна вашата кариера пред да се одлучите да основате своја компанија?

Моите почетоци не беа многу поразлични од почетоците на секој еден млад човек. На почетокот сите се бараме себеси каде припаѓаме, но ако морам да одвојам барем еден детал надвор од формалното образование тогаш тоа би било волонтирањето.
Голем дел од моето време го посветив „служејќи“ на заедницата и во процес на подобрување на општеството. Преку неформалното образование во граѓански организации, волонтирање во компании, бизнис заедници и институциите, научив многу.
Формалното образование ми донесе знаење од книга, a неформалното практични вештини со кои подоцна ги имплементирав во секојдневното функционирање. Учев, грешев, но се обидував одново и одново. Процесот беше интересен.
Кога ќе погледнам од оваа гледна точка, со повеќе од 10 години искуство како консултант за развој на бизнис модели, финансии и продажни мрежи, сум  советувал институции домашни и меѓународни, компании, банки, граѓански организации и поединци. Се е некако поврзано.
Знаев дека сакам да придонесам за државава и со сопствен бизнис, на крај ја создадовме групацијата на „Capital Solutions“.
Бренд кој успешно се гради да биде македонска гордост во светот.

 

За да им биде појасно на читателите ако може да ни објасните во кратки црти што е Капитал Солушнс?

„Capital Solutions“ е меѓународна групација, односно компанија формирана и со седиште во Македонија.
Во своето делување групацијата има свои „сестрински компании“ кои делуваат во повеќе области како што се: недвижности, финансии, консултантски услуги за развој на бизнис и бренд, како и нашата специјалност односно формирање на тимови и мрежи за продажба.
Во рамки на компанијата се планира да профункционира и специјална Академија за продажба. Сакаме да им помогнеме на компаниите да го подобрат својот перформанс и да ги имаат најдобрите „sales“ експерти во својата област.
Соработуваме со домашни и меѓународни партнери, а во рамки на групацијата имаме и меѓународна база на тренери од повеќе области меѓу кои: маркетинг, туризам, менаџмент, односи со јавноста, комункациски стратегии, продажба, развој и планирање.
Нашето мото е „From Vision to Victory“ или на македонски „Од визија до победа“ кое доволно кажува за нашата намера.
Целта ни е да прераснеме во македонски бренд кој ќе биде меѓународно познат и признаен. „Светско а наше“.

Кои се најчестите грешки што ги прават малите и средни бизниси?

Успех преку ноќ и брзи пари, тоа не постои. Мора да ги прележите сите “детски болести“, мора да се научите, да згрешите и мора соодветно да реагирате. Процесот кон успешен бизнис е долг. Секој што ќе каже на некого дека има брз бизнис модел за успех и капитал, тој не ја зборува вистината.
Внимавајте од такви “експерти“.

 

Колку е важна финансиската писменост за еден претприемач и како може да се подобри?

Финансиската писменост доаѓа заедно со планирањето, таа е многу важна и зависи од многу фактори.
Претходно искуство, советување и соработка.
Не сме сите експерти за се, советувајте се со сметководители, докажани финансиски консултанти, со пријатели од финансискиот сектор, банкари, финансисиски куќи. На крајот на денот, земете си обука или курс. Мора да знаеме како да работиме со своите пари за подоцна да советуваме наши клиенти.

 

Кои се првите чекори што би им ги препорачале на некој што сака да започне свој бизнис?

Прво, да сте сигурни во тоа што сакате да постигнете. Ако тргнете со помислата за капитал, никогаш нема да стигнете до него. Размсислете што ќе промените или додадете како вредност со вашата понуда. Помислете на продуктот и на конкуренцијата. Размислете што е тоа што вашиот продукт го прави подобар од се друго што е слично или исто на пазарот.
Првиот чекор е вредноста, а подоцна оди финансискиот и правниот момент. На прво место вредноста и планот.

 

Како се прави добра и реална бизнис стратегија за раст?

Ќе Ви дадам точен и прецизен одговор, само треба да се одговори на следново:

Бизнис вредностите и визијата, анализа на пазарот, таргетирање на пазарот, бизнис концепт, финансиски план, дефинирање на продукт, тим, опис на компанијата, маркетинг стратегија и план за продажба. Се е поврзано едно со друго, ако едно од нив недостига тогаш растот ќе биде спор.

 

Кои индустрии според вас имаат најголем потенцијал за раст во наредните 5 години?

Ако морам да издвојам конкретно, би рекол:

– IT и Healthcare
– Fintech
– Real Estate and Insurance
– Обновливи извори на енергија
– Едукација и консултантство

Има навистина многу индустрии, но моменталните трендови се секогаш околу финансиите, осигурувањето, медицината, технологијата, недвижностите и едукацијата. Се друго оди како „потгранки“ на понудениве.

 

Што мислите за финансирање преку кредити наспроти наоѓање инвеститори? Кое е подобро и кога?

На нас бизнисмените, банките ни се редовен пријател. На почетокот се плашиме од кредитите за подоцна да бидат секојдневен сервис.
Кога се работат големи проекти потребна е поддршка. Дали е кредит или инвеститор зависи од самиот проект.
Внимавајте на условите. Консултирајте се бидејќи „Целта ги оправдува средствата“.

 

Како влијаат новите технологии и автоматизацијата врз финансиското управување во бизнисот?

Појавата на паметна аналитика им овозможува на компаниите за финансиски услуги да ги „складираат“ податоците за потрошувачите подобро да ги разберат и да ги услужат клиентите. Технологијата, исто така, им помага на компаниите да развијат иновативни финансиски услуги. Развојот на подобри платежни системи е клучен предизвик за организациите.
Борбата за побрзи и попрецизни информации е борба на иднината. Со помалку човечки ресурси да се добијат и обработат што повеќе прецизни информации.

Како може малите бизниси да се натпреваруваат со големите компании на финансиски план?

Искрено тоа е тешко па одговорот е едноставен. Малите бизниси треба да пораснат и да бидат конкурентни на пазарот.
Тоа не треба да биде натпревар, во тие натпревари се губи однапред.
Секоја компанија е своја приказна, а растот треба да биде реален. Ако било кој бизнис сака да порасне потребно е време, труд и многу работа.

 

Кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле во вашата кариера и како го надминавте?

Стравот е најголемиот предизвик. Излегувањето од комфорната зона. Кога ќе се победи стравот, растеш.
Секој почеток е тежок и нема лесно. Секој што смета дека е лесно за брзо време ќе се разубеди.
Вториот предизвик е работа со луѓе. Тоа е најубавата, а воедно и најтешката работа истовремено. Тука нема подготовка, секој човек е различен.
Третиот предизвик е планирањето. Се е школо кое се учи низ процесот на раст. Друг пат не постои.

 

Што би им порачале на младите кои сакаат да влезат во светот на бизнисот?

Ако имаш идеја и не ти излегува од глава тогаш е вистинско време да размислиш за реализација.
Креирајте приказна која луѓето никогаш нема да ја заборават и ќе сакаат да слушнат повеќе за неа.
Нека ве носат вредностите и желбата за промена пред капиталот.
Еден многу успешен бизнисмен еднаш ми рече:

Бојан, кога продаваш куќа продавај емоција и дом, а не цигли.

Тоа правило се однесува и важи за секој еден бизнис.

 

Makedonski