Уставниот суд отвори јавна дебата за донесување на Закон за Уставен суд

0

Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска организираше тркалезна маса на тема „Дали е потребен Закон за Уставниот суд?“, со што официјално ја отвори јавната дебата за можноста за донесување на посебен закон што би го регулирал неговото работење.

На настанот учествуваа уставни судии, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претставници на дипломатскиот кор, професори по уставно право и експерти од граѓанскиот сектор. Тркалезната маса е организирана во рамките на ИПА 3 проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд“, финансиран од Европската Унија.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во своето обраќање ја истакна потребата од донесување Закон за Уставниот суд кој ќе ги уреди клучните прашања поврзани со неговото функционирање и независност. Тој предложи и уставна интервенција за да се обезбеди основ за донесување на таков закон со двотретинско мнозинство во Собранието.

„Да се донесе уставен закон по примерот на хрватскиот закон за Уставниот суд, со кој ќе се регулираат термини како ‘истакнат правник’, начинот на избор на судии, како и целосната буџетска и административна самостојност на Судот“, нагласи Костадиновски.

Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека реформата на Уставниот суд е одамна задоцнета, нагласувајќи дека за проширување на надлежностите на Судот ќе биде потребна промена на Уставот. Таа повика на похрабар пристап кон улогата на Судот во однос на другите власти и заштитата на човековите права.

Силна поддршка за реформите пристигна и од меѓународните партнери. Амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, посочи дека зајакнувањето на Уставниот суд е стратешка инвестиција во владеењето на правото и демократијата. Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер, нагласи дека силен и независен Уставен суд е клучен за довербата на граѓаните, додека амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, потенцираше дека независното судство е основен столб на демократијата.

По воведните излагања, следуваше експертска дебата на која беше презентирана Студија за можните модели за законско уредување на Судот. Своите ставови ги изложија и уставните судии Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева, како и професорите по уставно право: Татјана Каракамишева, Денис Прешова, Јетон Шасивари и Рената Тренеска Дескоска. Вклучени беа и претставници на граѓанскиот сектор, меѓу кои Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

Дебатата претставува важен чекор кон унапредување на јавната расправа за иднината на Уставниот суд и кон јакнење на владеењето на правото и заштитата на човековите права во земјава.

Makedonski