Одбојкарите на Струмица на чекор од одбрана на шампионската титула
Во драматичен дуел одбојкарите на Струмица ја совладаа екипата на УГД Штип со 3-2 во сетови и поведоа со 2-0 во финалната плејоф-серија, со што се на само една победа од нова титула во македонската одбојка.
Првиот сет беше целосно во знакот на струмичани, кои со сигурна и доминантна игра го добија со убедливи 25-11. Но, штипјани брзо се вратија во игра и го добија вториот сет со 25-19 и го израмнија резултатот на 1-1.
Третиот сет донесе жестока битка на теренот, но на крајот пресуди искуството на актуелниот шампион, Струмица поведе со 25-22. Сепак, одговорот на УГД Штип беше уште посилен и со експлозивен четврти сет и резултат 25-13, повторно ја вратија неизвесноста.
Во одлучувачкиот, петти сет, се играше поен за поен, но струмичани покажаа зошто се бранители на титулата, со 15-13 ја впишаа втората победа во серијата и направија голем чекор кон нова шампионска круна.