Сиљановска-Давкова: Потребна е темелна реформа на Уставниот суд и нов закон

3

Во воведниот дел се обратија претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дреклер, и амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Анализата за потребата од нов закон беше презентирана од проектниот тим составен од Карстен Манке, Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска.

Во својот говор, претседателката Сиљановска-Давкова потенцираше дека вистинското прашање е дали е потребна реформа на македонското уставно судство. Таа го оцени Уставниот суд како најнереформирана институција и ја нагласи неопходноста од донесување закон што ќе ја надгради неговата улога, во согласност со препораките на Венецијанската комисија.

„Нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт – коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните,“ рече Сиљановска-Давкова, повикувајќи се на искуствата на уставните судови на Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и Хрватска.

Претседателката предложи проширување на надлежностите на Уставниот суд, меѓу кои вклучување на проценка на меѓународни договори пред ратификација, финална оценка на изборите и референдумите, како и преземање на автентичното толкување на законите од Собранието. Исто така, се залагаше за воведување механизам за импичмент и за други високи функционери и конкретизирање на условите за избор на уставни судии за да се спречи политизацијата.

Во продолжението на дебатата, Сиљановска-Давкова истакна дека реформите не треба да се спроведуваат поради барања од Европската Унија, туку пред сè заради градење стабилна македонска демократија базирана на владеење на правото.

„Ни треба радикален пристап ако сакаме темелна реформа на уставното судство. Реформите ги правиме заради себе и заради иднината на македонската демократија,“ заклучи Сиљановска-Давкова.

На тркалезната маса свои ставови изнесоа и судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори Рената Десковска-Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова. Мислења беа споделени и од страна на невладините организации „Сите за правично судење“ и „Млади правници“.

Проектот за проценка на потребата од закон за Уставниот суд е финансиран од Европската Унија.

Makedonski