Еврокомесарката за проширување Марта Кос смета дека Македонија и Косово се тажни приказни
Регионот во некои аспекти пред 20 години беше во подобра состојба отколку денес. Македонија и Косово се тажни приказни во однос на евро-интеграциите. Вака евро-комесарката за проширување, Марта Кос, во интервју за Радио Слободна Европа го коментираше процесот на зачленување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Коментирајќи ја ситуацијата на Косово, Кос истакна дека е во постојан контакт со косовските политичари, кои, според неа, тврдат дека се подготвени за нормализација на односите со Србија, што е предуслов за почеток на преговори за членство и добивање на кандидатски статус.
„Потекнувам од Словенија, која во поширока смисла беше дел од оваа територија. И знам дека во некои аспекти, регионот беше во подобра состојба пред 20 години отколку што е денес. Постојат две, па дури и три многу тажни приказни. Едната е дека Косово не може да се помести од мртва точка. Другата тажна приказна е Северна Македонија“, рече Кос.
Таа потоа направи споредба што дополнително ја илустрира бавноста на процесот за Северна Македонија:
„Ако Украина чекаше толку долго како Северна Македонија за да почне преговори со ЕУ, тогаш тие ќе започнеа дури во 2045 година“, предупреди комесарката.
Комесарката додаде дека и Босна и Херцеговина останува заглавена поради внатрешни политички пречки, со што речиси цел Западен Балкан се соочува со сериозни предизвици на патот кон ЕУ.
Кос во интервјуто изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат, Албанија и Црна Гора би можеле да станат членки на Унијата. Според неа, технички е можно Црна Гора да ги заврши преговорите до 2026, а Албанија до 2027 година, но дека конечната одлука останува во рацете на земјите членки.
Во однос на Србија, Кос изјави дека ЕУ очекува реални реформи и исполнување на ветувањата за владеење на правото, борба против корупцијата, транспарентност во јавните набавки и медиумска слобода.
„Морам да кажам дека сум најголем поддржувач на студетските протести во Србија, затоа што нивните барања се всушност истите што ги поставува Европската комисија“, рече таа.