Mицкоски на конгресот на ЕПП: Во ЕУ само со заслуги, а не со двојни стандардит

0

„Мојата Влада останува длабоко посветена на конзервативните вредности: вредностите на семејството, одговорноста, економската слобода и почитувањето на владеењето на правото. Од овие принципи сме водени дома и го инспирираат нашиот ангажман со Европа. Замислуваме заедничка европска иднина, цврсто стоиме на овие трајни вредности“, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека Македонија се соочува со двојни стандарди на патот кон ЕУ и дека тоа ја намалува довербата на македонските граѓаните во Унијата.

„Сепак, искреноста ме принудува отворено да се осврнам на предизвиците со кои се соочуваме. Европскиот проект ветува еднаквост, правичност и можности – но, понекогаш, ние доживуваме поинаква реалност. Нашиот народ, гордите македонски граѓани кои ги претставувам, од прва рака ја почувствуваа тежината на двојните стандарди. Стандарди кои ја поткопуваат довербата, го намалуваат ентузијазмот и ризикуваат да го ослабат самиот европски дух што го застапуваме“, рече на конгресот на ЕПП Мицкоски.

Тој вели дека Македонија веќе направила многу жртви и реформи, но дека добила нови услови кои се применуваат селективно.

„Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа – го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели“, рече македонскиот премиер.

Тој порача дека е од клучно значење лидерите на ЕПП, и во институциите на ЕУ и во земјите-членки, да станат движечка сила зад проширувањето на Западен Балкан во ЕУ.

„Вашето лидерство и проактивен ангажман значително ќе го подобрат кредибилитетот и ефективноста на процесот на проширување. Јасно да кажеме: интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија не е само чин на добротворност – тоа е стратешки императив. Тоа обезбедува мир, стабилност и безбедност не само за нашиот регион, туку и за цела Европа. Процесот на пристапување мора да остане заснован на заслуги, воден од јасни критериуми и транспарентни проценки. Ова не е услуга што се дава произволно, туку е праведно признание за напорите и реформите“, истакна премиерот.

Тој заклучи дека „македонскиот народ заслужува да види дека неговата посветеност и жртви вистински се почитуваат и се признаваат“ и уште еднаш ја повика ЕПП да се посвети на заедничка и обединета, силна Европа, како што рече, изградена на вредности, доследност и меѓусебно почитување.

Makedonski