Распишан конкурс за краток стрип на фестивалот „Стрип трип“, со рок до 25 мај

3

Здружението „Макстрипови“ има распишано конкурс за краток оригинален стрип, што ќе биде претставен на фестивалот „Стрип трип“ кој ќе се одржи на почетокот на јуни во Скопје. Конкурсот е отворен за учесници од сите возрасти, а рокот за испраќање на делата е до 25 мај 2025.

Фестивалот „Стрип трип“ за прв пат беше одржан во манатата година. Негов дел беше и конкурс за најдобра стрип-корица на кој учествуваа над 60 дела.

Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи од 6. до 8. јуни во МКЦ Скопје.

Темата и формат на стриповите со кои може да се учествува на конкурсот не се однапред ограничени, а препорачаниот обем на страници е 1-16, иако организаторите посочуваат дека се добредојдени и подолги дела. Сугерираните димензии се А3 формат на 300 dpi.

Главен предуслов е стриповите да не бидат објавувани претходно.

Во дигитална форма, делата може да се пратат по е-пошта на адресата makstripovi.ngo@gmail.com, а на хартија до здружението „Макстрипови“ на ул. ул. „13 јули“, бр. 1/5, 1000 Скопје.

Од истото здружение најавија дека освен учество во изложбата на фестивалот, за авторите на најдобрите стрипови ќе следуваат парични и непарични награди.

Заинтересираните може да добијат повеќе информации преку социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук или преку е-поштата.

На 6. мај, здружението организира и настан „Загревање за Стрип трип“ во Нетавил во Скопје, на кој ќе учествуваат и стрипаџиите Симон Калајџиев и Белкин Аксу.

Makedonski