Трамп го назначи Мајк Волц од позицијата советник за национална безбедност на функцијата амбасадор во ОН

3

Советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, Мајк Волц, и неговиот заменик, Алекс Вонг, ќе ги напуштат своите функции откако ја изгубиле довербата на другите функционери од администрацијата и останале без сојузници во Белата куќа, според два извора запознаени со случајот, пренесува Гардијан.

Заминувањето на Волц и Вонг означува крај на едно турбулентно работење. Во март, Волц по грешка го додал Џефри Голдберг, главен уредник на „The Atlantic“, во група на Signal каде се споделувале чувствителни информации за американски ракетни напади во Јемен пред тие да се случат.

Трамп подоцна во четвртокот објави на Truth Social дека ќе го назначи државниот секретар Марко Рубио за привремен советник за национална безбедност и дека ќе го номинира Волц за амбасадор на САД во Обединетите нации.

Претседателот накратко размислувал да го отпушти Волц по епизодата со Signal, но одлучил да не го направи тоа за медиумите да не го протолкуваат како разрешување на кабинетски службеник неколку недели од почетокот на неговиот втор мандат. Внатрешната ревизија која покажала дека Волц по грешка го зачувал бројот на уредникот на Atlantic, исто така, го ублажила Трамп.

По инцидентот со Signal, Волц побарал совет од Џеј Ди Ванс и други лица блиски до потпретседателот за тоа како да ги подобри односите. Ванс му препорачал да биде понеутрален со Вајлс и да не ја злоупотребува својата позиција.

Но Волц бил под притисок и од други страни. Иако бил ослободен од одговорност во внатрешната ревизија за „Сигналгeјт“, тој бил критикуван како воено агресивен и спротивен на Трамповата доктрина „Америка на прво место“.

На вечера со Трамп и сојузници, меѓу кои и Такер Карлсон, кој бил скептичен кон Волц, било поставено прашањето за неговата лојалност. Кампањата за негово отстранување ја предводел и Стив Бенон.

Дополнително, крајно-десничарската активистка Лора Лумер, која ширела теорија на заговор дека Вонг има лојалности кон Кина, му ја ослабнала моќта на Волц кога по покана на Трамп дошла во Белата куќа и успешно побарала отпуштање на неколку членови од неговиот тим.

Оваа недела, Волц и Вонг биле тивко информирани дека нивното време во Советот за национална безбедност завршува. Волц се обидел да го продолжи својот престој присуствувајќи на состанок на кабинетот во средата, но во четврток бил информиран за неговото отстранување.

Отстранувањето било толку ненадејно што многу во Белата куќа дознале дури во четврток наутро. Волц почувствувал дека нешто се случува пред неговото појавување на Fox News, но не знаел дека е исфрлен, рече извор запознаен со ситуацијата.

Со заминувањето на Волц само неколку месеци откако ја презеде функцијата – откажувајќи се од сигурно конгресно место – Советот за национална безбедност останува без стратегија. Советникот обично развива стратегија во координација со други агенции во тек на неколку месеци.

Makedonski