Принцот Хари ја загуби правната битка за полициската заштита во Обединетото Кралство

3

Принцот Хари (Војводата од Сасекс) ја загуби правната битка околу нивото на безбедност финансирано од даночните обврзници на кое има право додека е во Обединетото Кралство, со што владата доби зелено светло да продолжи со „специјализирано“ и поевтино обезбедување за неговото семејство, пренесува Гардијан.

Адвокатите на принцот Хари тврдеа дека тој бил „издвоен“ и третиран „на лош начин“ и дека неговата безбедност и живот биле „загрозени“ по промената на безбедносните аранжмани откако се повлече од кралските должности и се пресели во странство.

Тој ја оспори одлуката на Високиот суд да ја отфрли неговата тужба против Министерството за внатрешни работи, во врска со одлуката на Извршниот комитет за заштита на кралското семејство и јавни личности, познат како Равек, според која тој треба да добие поинакво ниво на заштита кога е во земјата.

Судија од Високиот суд минатата година пресуди дека одлуката на Равек, донесена во почетокот на 2020 година, откако Хари и Меган, војвотката од Сасекс, се повлекоа од кралските должности, е законска. Правниот тим на Хари тврдеше дека судијата направил грешка во својата пресуда.

Конечната одлука на Равек, споделена на 28 февруари 2020 година, наведува дека заштитата од страна на лондонската полиција веќе не е соодветна по заминувањето на Сасекс, и дека тие треба да добијат различно ниво на безбедност додека се во Обединетото Кралство.

Наместо тоа, Сасексови би добивале „специјализирана“ безбедносна услуга, според која ќе мора да најавуваат патување во Велика Британија 30 дена однапред, а секоја посета ќе биде проценета според нивото на закана и потребата од заштита

Makedonski