Калас: Огромните намалувања на финансиите ги доведуваат медиумите во длабока криза

3

„Додека медиумите од јавен интерес се борат да преживеат, авторитарните режими и актерите во дезинформациите брзо се обидуваат да ја пополнат празнината, искривувајќи ги фактите и манипулирајќи со јавното мислење. Се повеќе сме загрижени за растечките закани за новинарите и другите медиумски професионалци, вклучувајќи заплашувања и напади, произволно притворање, законски прогон и транснационална репресија, се со цел да се замолчи нивната работа“, изјави Калас.

Според неа, „новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, можат да ги засилат овие ризици со тоа што ќе овозможат сеопфатен надзор и насочено вознемирување“.

„На овој Светски ден на слободата на печатот, Европската унија ја потврдува својата одлучна посветеност на одбраната на слободното и независно новинарство, кое се соочува со невидени закани“, напиша Калас, додавајќи дека „без слобода на медиумите, нашето право на информации, слободата на критичко мислење и можноста да ги повикуваме луѓето на одговорност се во опасност“.

Според неа, „успешен, независен и плуралистички медиумски сектор е од суштинско значење за отпорноста и опстанокот на демократијата“.

Слободните медиуми се најдобриот штит за демократијата и новинарите мора да бидат слободни да известуваат без страв од цензура, заплашување или одмазда, порача претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола по повод  Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

„Европскиот парламент секогаш ќе ги брани и ќе се залага за слободата на медиумите и новинарите – не само на Светскиот ден на слободата на медиумите, туку секој ден“, нагласи Мецола.

Според потпретседател на Европскиот парламент и претседател на Работната група за спроведување на Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), Сабине Верхајен, слободното, независно и плурално новинарство е од суштинско значење за секое демократско општество.

„На Светскиот ден на слободата на медиумите, ја потврдуваме нашата посветеност на еден од основните столбови на демократијата: слободата на медиумите. Сепак, таа останува под закана, дури и во некои земји членки на ЕУ, а без неа, демократијата не може да функционира“, рече Верхајен.

Таа потенцира дека Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), донесен во април 2024 година, е од витално значење за справување со современите предизвици со кои се соочуваат медиумските работници и испраќа силна порака за потребата од заштита на медиумите и новинарската независност низ цела Европа.

„Медиумите се повеќе од само индустрија – тие го обликуваат политичкиот дискурс, го поттикнуваат културниот развој, ја поттикнуваат општествената инклузивност и ги штитат основните права’, истакна Верхајен.

На овој Светски ден на слободата на медиумите, според неа, загрижувачките глобални трендови не потсетуваат дека рамнодушноста не е опција.

„Дури и во Европа, мора да останеме будни во почитувањето на нашите демократски вредности. Слободата на медиумите е ‘рбетот на демократијата – нејзината одбрана значи заштита на нашите слободи и вредностите што ги цениме“, додаде Верхајен.

Претседателка на Комитетот за култура и образование на ЕП, Нела Рил порача дека независниот медиумски сектор е суштински столб на демократија.

„Слободните медиуми ни се потребни за да ја следиме одговорноста на носителите на одлуки, да ги унапредуваме општествените промени и да ги информираме граѓаните“, додаде Рил.

Таа изрази загриженост поради драстичното зголемување на изложеноста на младите луѓе на вести од непроверени извори на социјалните медиуми и во такви услови квалитетното новинарство е принудено да се натпреварува со алгоритмите на платформите на социјалните медиуми.

За да се минимизира ширењето на штетни дезинформации, според неа, покрај регулацијата на дигиталните платформи, треба да се подобри медиумската писменост и да се обезбеди дека луѓето имаат пристап до точни информации.

Во заедничка изјава по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, претседателите на комитетите на ЕП за граѓански слободи, внатрешни работи и правда (ЛИБЕ), Хавиер Зарзалехос, за човекови права (ДРОИ), Мунир Сатури и за Европскиот демократски штит (ЕУДС), Натали Лоазо ја потврдуваат непоколеблива посветеност за заштита и промоција на слободата на медиумите, плурализмот и безбедноста на новинарите ширум светот.

„Во контекст на алармантниот пораст на нападите и заканите врз новинарите, нашите комитети силно ги осудуваат сите обиди за поткопување на слободата на медиумите преку физичко насилство, произволно притворање, онлајн вознемирување, акти на заплашување или убиства. Слободата на медиумите, загарантирана во член 11 од Повелбата за основните права на ЕУ и член 10 од Европската конвенција за човекови права, е неотуѓиво право и камен темелник на европскиот проект“, се вели во изјавата.

Тие посочуваат дека ЕУ мора да се спротивстави на неказнивоста и да ја осуди злоупотребата на законите за клевета и на технологиите за надзор и порастот на употребата на тенденциозни тужби за замолчување на новинарите.

„Ваквите прекршувања мора да бидат истражени, а сторителите гонети од страна на надлежните национални и меѓународни судски органи, вклучително и Меѓународниот кривичен суд. Никогаш не смееме да ги затвораме очите пред злосторствата извршени против новинарите“, посочуваат тројцата европратеници.

Според нив, особено се важни заштитата на новинарките, кои во нивната секојдневна работа честопати се соочуваат со родово базирано насилство, како и спротивставувањето на егзистенцијални закани по независноста на медиумите, кои ја загрозуваат самата структура на основните права.

„Во овој контекст, нашите комитети ја потврдуваат својата силна верба во суштинската улога што ја играат новинарите како чувари на демократијата, спротивставувајќи се на ерозијата на демократските норми и фундаменталните слободи. Иста така, ја нагласуваме и потребата од заштита на медиумскиот плурализам и уредничката независност, кои се неопходни за здрав демократски дискурс. Силните демократии не можат да постојат без силен и независен печат. Комитетите ЛИБЕ, ДРОИ и ЕУДС се непоколебливи во својата посветеност да ја бранат слободата на медиумите, каде и да е под закана. Не само денес, туку секој ден“, се додава во пораката.

Слободата на медиумите и плурализмот се основни принципи на просперитетните демократии, порача Европската комисија по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

„Европската комисија ја потврдува својата посветеност на почитување на слободата на медиумите и плурализмот во Европската Унија и на промовирање на овие принципи низ целиот свет“, се наведува во пораката.

Во неа се посочува дека и во политичките насоки на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за работата на Комисијата за периодот 2024-2029 година, се посочува дека таа ќе обезбедува спроведување на Европскиот закон за слобода на медиумите.

„Комисијата стои зад новинарите и силно ги поддржува во тоа безбедно и сигурно да ја извршуваат својата работа. Ја зајакнуваме нашата поддршка и заштита за независните медиуми и новинари, намалувајќи го притисокот и неетичкото однесување што ја загрозуваат нивната работа“, се додава во пораката.

Европската комисија посочува и дека Европскиот закон за слобода на медиумите, кој треба да почне да се применува во земји членки на ЕУ од 8 август, ќе придонесе за подобра заштита плурализмот и независноста на медиумите и ќе ја зголеми транспарентноста и праведноста.

Во 2021 година, Комисијата издаде Препорака за заштита и безбедност на новинарите, чија цел да е овозможување побезбедни услови за работа на сите медиумски професионалци, без страв и заплашување, со посебен акцент на новинарките. Дополнително, таа усвои и правила за заштитата на новинарите и активистите за човекови права алатки од тенденциозни судски постапки чија цел е нивно замолчување.

„Продолжуваме да ги следиме случувањата поврзани со слободата на медиумите и плурализмот во сите земји членки во контекст на годишниот извештај за владеење на правото. Слободата на медиумите, исто така, ќе биде важен дел од претстојниот Европски штит за демократија“, додава Европската комисија во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.

Извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен изјави дека Комисијата е посветена на тоа Европа да остане светилник за слободата на медиумите и плурализмот.

„На Светскиот ден на слободата на печатот, не славиме само концепт, туку и конкретно се обврзуваме на демократија. Безбедноста на новинарите е во прашање. Минатата година, бројот на насилни инциденти против новинарите се зголеми, а неколкумина ги загубија животите низ целиот свет. Ова е неприфатливо“, рече Виркунен.

Според еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, новинарите се чувари на демократијата.

„Нивната бестрашна потрага по факти и транспарентност не обврзува сите. На овој Светски ден на слободата на печатот, мора да ја поддржиме нивната критичка работа и да ја заштитиме нивната независност – за нашите права, за нашите слободи, за нашите вредности“, истакна Мекграт.

The post Калас: Огромните намалувања на финансиите ги доведуваат медиумите во длабока криза appeared first on МКД.МК.

Makedonski