Притвор за осомничен кој го запалил станот во кој живееле неговата сопруга и детето

4

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, на 2 мај во утринските часови, во викенд–куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на неговата сопруга со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.

Kaко што информираат во Обвинителството, иако бил свесен дека поради неговото сторување може да настапи штетната последица, се согласил со нејзиното настапување и откако еден ден претходно телефонски се заканувал на оштетената и на нивниот син, на критичниот ден со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата.

„Пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот. Откако ги сторил делата, ја известил оштетената дека ги опожарил двата објекти. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата“, наведено е во соопштението на Обвинителството.

Оттаму појануваат дека, со оглед на околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот, кои се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.

Makedonski