Општина Карпош реагира на укинувањето на членот „62а“ од Законот за градба
Општина Карпош реагира во однос на укинувањето на член „62а“ од Законот за градба затоа што токму тој член се однесуваше на обврзувачко информирање од страна на локалната самоуправа до соседството во рок од 48 часа дека ќе се гради, а и дозволуваше увид во градежната документација.
Општина Карпош со неверување ја прифати иницијативата за укинување на „Член 62 а“ од Законот за градба и не можеме да се изначудиме како владејачката ВМРО-ДПМНЕ укина еден вака важен член од законот. Членот „62 а“ ја обврзуваше локалната самоуправа при издавање на градежна дозвола соседите да бидат информирани во рок од 48 часа, за градбата во нивното непосредно соседство и им даваше право да извршат увид во проектната документација и издадената градежна дозвола.
Според општината чудно е укинувањето на овој член особено поради фактот што токму Владата на Никола Груевски го донесе при промена на претходниот Закон со кој пак задолжително се бараше согласност од соседите доколку градбата е поблиску од 3 метри до оградата.
Измената предложена од министерот Јанакиески беше во склад со транспарентноста и овозможи соседите да бидат информирани, да извршат увид, но дали ќе се гради или не, зависеше од законските и подзаконските акти, а не од волјата на комшилукот. Транспарентноста беше запазена. Кочница при издавање на дозволите немаше и не ни е јасно што има потреба владејачката партија која се декларираше дека не ги штити интересите на инвеститорите, туку на граѓаните да направи ваква измена со која целосно ќе го укине дури и информирањето на најблиските соседи, што е според наше мислење недозволиво.
Од општината велат дека е недозволиво соседот да нема право дури и да изврши увид во документацијата. „Оваа измена не е во согласност со европските директиви, ја намалува транспарентноста и затоа ја повикуваме претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, да не ги потпише овие измени на законот“.
Општина Карпош и понатаму ќе ги информира соседите при издавање на градежните дозволи.
се вели во реакцијата на Општина Карпош.