ПМФЛ: Денеска со победа над Работнички тимот на Шкендија и официјално ќе стане шампион на Македонија!

6

Денеска од 17 часот се играат уште три средби од 31.коло во ПМФЛ. Од познати причини Пелистер и Силекс своите мечеви ќе ги добијат со службени 3:0 против Воска и Гостивар, па така сите погледи ќе бидат свртени кон Тетово.

Имено денеска и официјално Македонија може да добие нов првак во ПМФЛ, а тоа е екипата на Шкендија. Тимот на Јетон Беќири треба да победи против Работнички, кој веќе избори пласман во Европа, и со тоа да стави печат на петтата титула во клупската историја.

Разликата сега е 4 бода меѓу Шкендија и Силекс. По ова коло ако победат тетовци таа ќе остане иста зошто кратовци ќе победат службено со Гостивар, а се знае дека во следното 32.коло Шкендија ќе ги добие службено трите бода против Гостивар. Тоа значи дека во последното коло во најлош случај Шкендија ќе го пречека Силекс со +4 бода.

Затоа велиме дека денеска ако го победи Работнички, тетовскиот клуб ќе ја освои титулата. Шкендија досега била шампион во 2011, 2018, 2019 и 2021.

Makedonski