Касами: Можно е Вреди да го добие Министерството за образование, а ВМРО-ДПМНЕ здравство

5

Касами, кој е еден од лидерите во Вреди, дел од владејачката коалиција, во интервју за „360 степени“ рече дека не ја исклучува можноста Вреди да го даде Министерството за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат да добие друг ресор. Неофицијално, според „360 степени“ се разгледува можноста ресорот образование да му припадне на Вреди, а со здравството да раководи кадар на ВМРО-ДПМНЕ

„Ние со премиерот, односно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, преговаравме како Вреди и договорот е меѓу Вреди и ВМРО-ДПМНЕ за составување на Владата. На последните средби со премиерот уште еднаш е потврдено дека остануваме на истите заложби. Значи, договорот останува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди и остануваат сигурни позициите на Вреди“, рече Касами.

На прашањето, дали тој најавува реконструкција на Владата, Касами вели дека е можно, но не во пошироки размери.

„Можно е. Не во пошироки размери, но во некои комбинаторики сигурно ќе има“, рече меѓудругото Касами.

Во однос на бројот на пратениците, лидерот на Беса тврди дека наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе се зголеми бројот на пратеници кои ќе мигрираат во владејачкото мнозинство.

„Можам да гарантирам дека веќе сме во сериозни преговори со повеќе пратеници и од албанската опозиција и од другите членови на другите заедници кои се дел од сегашниот Европски фронт“, рече Касами.

Кога ќе се отвори вратата, ако некој излезе, посочува тој, можноста за повеќемина да влезат е голема и затоа може да гарантира дека оваа влада ќе ја зголеми поддршката во Парламентот.

„Значи, од Европски фронт и од структурата на Таравари. Јас ценам дека Алијанса за Албанците ќе си остане и во Вреди и во Владата. Со колку пратеници, ќе се знае во текот на неделата, откако викендов и самиот Таравари кажа дека ќе си оди од Владата. Исто така и премиерот го кажа својот збор, што ние сме го кажале одамна, дека соработка со ДУИ и останување во Влада не е возможно“, рече Касами.

На новинарско прашање како владејачкото мнозинство очекува да има Бадентерово мнозинство во Собранието, имајќи предвид дека и досега имаа проблем со т.н. „голем Бадендер“, Касами вели дека може да гарантира оти со новата комбинаторика ќе имаат Бадентер бидејќи во владејачкото мнозинство ќе има повеќе пратеници од другите етнички заедници во државата кои се потребни за бадентер.

Според Касами, Арбен Таравари избрал да ја игра улогата на Тројански коњ и цело време правел притисок одвнатре за да нема резултати. На прашањето како го коментира ставот на Таравари, кој тврди дека дури 70% од етничките Албанци се незадоволни од позицијата на Вреди во Владата, Касами го обвинува токму Таравари како извор на проблеми во коалицијата. Пред доаѓањето на Таравари во коалицијата не се зборуваше за поделби, туку за соединување“, рече Касами.

Makedonski