Иницијативата „Тетово сака парк“ со реакција кон градоначалникот на Тетово, Билал Касами
Градоначалникот на Тетово дури на крајот на својот мандат дознал дека земјиштето опфатено со ШИК „Јелак“ е доминантно државно, па затоа сега таму најавува изградба на јавни згради за потребите на општината и на други државни институции, а поголемиот дел ќе било парк.
Добро е што „дознал“ за сопственоста на земјиштето, но за жал сè уште не сфатил што е вистински парк, а што е зеленило помеѓу згради.
Па да му објасниме по 100-ти пат:
Зеленило меѓу јавни или станбени згради не е парк.
Парк е целовита површина поголема од еден хектар, со добро оформена градска шума, поставени клупи и друга урбана опрема, содржини за рекреација и спорт, евентуално и водени површини, тој е простор сам за себе, доволен за долга прошетка, трчање или рекреирање, простор доволно голем во кој не се слуша градската врева.
Парк се формира со измени на ГУП и впишување основна намена Д (паркови и зеленило) и се разработува во ДУП. Парк не се гради со урбанистички план со основна намена соодветна за згради и со предвидување на зеленило меѓу зградите.
Вчеравечер гостувајќи во емисија на МТВ 1 Касами даде загрижувачки изјави и во однос на дивоградбите низ градот, особено во време во кое државата борбата со корупцијата ја истакнува како топ приоритет.
Градоначалникот притоа вели дека тој ги штити бизнисите и дека иако некој добил одобрение за четири ката, а изградил осум, тој е посветен да им најде решение на инвеститорите. Ова не е заштита на бизнисите туку на урбаната мафија!
Според Законот за градење, сето она што е изградено надвор од веќе определените урбанистички услови за градба, е бесправно градење и претставува кривично дело. За тоа не може и не смее градоначалник да се обидува да најде решение, туку е должен таквото поведение, штом веќе го забележал, само да го пријави на други институции, на пример во МВР или ЈО.
Исто така, тој вели дека порано парите од нелегално изградените спратови оделе во нечии џебови, сега општината тоа го инкасира како комуналии. Бидејќи комуналии не се плаќаат на нелегално изградени објекти, каде сепак завршуваат парите потребни да се премолчи кривичното дело „бесправна градба“ за кое е предвидена затворска казна?
Во споменатото интервју градоначалникот јавно призна и дека само на хартија го реконструира и реновира Градскиот стадион своевремено изграден од Волнарскиот комбинат „Тодор Циповски-Мерџан“ и ФК Тетекс, а дека истиот ќе го сруши и ќе изгради нов.
Стадионот е сопственост на државата и ваквиот акт е уништување на државен имот без преседан.
Законот точно утврдил што претставува реконструирање.
Секој друг тип на зафат различен од тој на хартија, исто така станува предмет на кривично дело.
Стадионот е сопственост на државата и ваквиот акт е уништување на државен имот без преседан.
Законот точно утврдил што претставува реконструирање.
Секој друг тип на зафат различен од тој на хартија, исто така станува предмет на кривично дело.
(интегрален текст од реакцијата на иницијативата „Тетово сака парк“)