Врховниот суд ја укинал пресудата за Јованов, но никого не известил – таа сепак се користела како отежителна околност
На 7 мај Врховниот суд ја укинал правосилната пресуда со која Васил Јованов беше осуден на 3 години и 10 месеци затвор за трговија со дрога. Сепак, освен кратко соопштение на својата веб-страница, Судот не ја испратил одлуката до ниту една од вклучените страни – ниту до обвинетиот Јованов, ниту до неговите адвокати, ниту пак до обвинителството.
И покрај тоа што пресудата за трговија со дрога била укината, таа денеска беше земена предвид како правосилна и искористена како отежнителна околност при изрекување на казната за сообраќајната несреќа во која загина Фросина Кулакова. Јованов доби казна од 12 години затвор.
Сега, кога е јасно дека претходната пресуда е поништена и правно не постои, Апелациониот суд ќе треба повторно да одлучува по предметот за трговија со дрога.
Одлуката на Врховниот суд е донесена уште пред Јованов да ја признае вината за сообраќајната несреќа и пред денешната пресуда. Првичната пресуда за дрога беше донесена во февруари, само една недела по несреќата и притворањето на Јованов.
Во продолжение е наведено соопштението на Врховниот суд од 7 мај:
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Панче Нефтенов – адвокат од Скопје. Со тоа ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување.“