Бугарскиот парламент го одби предлогот на Радев за референдум за еврото
Претседателката на бугарското Национално собрание, Наталија Киселова, го врати на претседателот Румен Радев неговиот предлог за одржување референдум за воведување на еврото во 2026 година, означувајќи крај на постапката во парламентот.
Овој чекор значи дека парламентот нема да го разгледува предлогот, а со тоа му се оневозможува на Радев да се обрати до Уставниот суд – бидејќи, без одлука од законодавниот дом, нема предмет кој би можел да се проследи на уставно разгледување.
Прес-службата на парламентот соопшти дека иницијативата за референдум е вратена како „недозволива“. Според образложението на Киселова, предложениот референдум е спротивен на Уставот, договорите со Европската Унија, како и на законот што го регулира учеството на граѓаните во одлучувањето. Таа додаде дека предлогот не е во согласност со претходна одлука на Уставниот суд поврзана со слична иницијатива на партијата „Преродба“.
Паралелно, премиерот Росен Желјазков и гувернерот на Бугарската народна банка, Димитар Радев, потпишаа документ со кој ја поддржуваат транзицијата кон еврото од 1 јануари 2026 година.
Во реакција, претседателот Радев остро ја критикуваше одлуката, оценувајќи дека парламентарното мнозинство се плаши од волјата на граѓаните. Според него, одбивањето да се разгледа иницијативата е „злоупотреба“ на функцијата на претседателката на парламентот и „повреда на Уставот и законите“.
Тој додаде дека со вакви потези се урива веќе кревката доверба на граѓаните во институциите, кои, како што рече, се само декларативно посветени на јавниот интерес.