Зеленски: Трамп мора да разбере дека Путин е вистинската пречка за мировен договор

0

Володимир Зеленски изјави дека се надева дека сегашниот период на интензивна дипломатија и игри со високи влогови меѓу Русија и Украина ќе заврши со тоа што Доналд Трамп ќе разбере дека Владимир Путин е вистинската пречка за мировен договор, пренесува Гардијан.

„Трамп треба да поверува дека Путин навистина лаже. А ние треба да го направиме нашето. Разумно да пристапиме на ова прашање, за да покажеме дека не сме ние тие што го успоруваат процесот“, изјави Зеленски пред мала група новинари, во претседателската администрација во Киев.

Зеленски изјави дека ќе отпатува за Турција во четврток, без разлика дали Путин ќе дојде на разговорите. Тој кажа дека има закажано средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но дека е подготвен веднаш да отпатува во Истанбул доколку рускиот лидер се појави. „Ако Путин не дојде и игра игри, тоа е конечен знак дека не сака да ја заврши војната“, изјави тој во вторникот.

Претходно, откако Путин неочекувано се обрати од Кремљ доцна навечер со повик за директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, Зеленски одговори дека лично ќе го чека Путин во Турција во четврток.

Трамп, кој е во посета на Саудиска Арабија, изгледаше како да размислува за трилатерална средба со Путин и Зеленски, велејќи во понеделникот: „Верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Размислував да долетам.“

Зеленски изјави дека се надева оти Трамп навистина ќе се сретне со него во Турција. „Ако Трамп отпатува, тоа ќе го натера и Путин да патува.Трамп навистина може да помогне. Ова е ситуација каде што присуството на САД може да даде важни гаранции.“

Украинскиот пратеник на Трамп, Кит Келог, исто така го спомена потенцијалот за трилатерален самит. „Ова би можела да биде навистина одлична средба… Се надеваме дека и претседателот Путин ќе дојде, а потоа и претседателот Трамп ќе биде таму“, изјави тој за Fox News. Келог, како и државниот секретар на САД Марко Рубио и пратеникот Стив Виткоф, наводно исто така се очекуваат во Турција.

Сепак, нема многу знаци дека Путин е подготвен да патува. Иако не го исклучи директно тоа, изјавите од Кремљ сугерираат дека Русија наместо тоа ќе испрати делегација на пониско ниво во Истанбул.

„Нашата делегација ќе биде таму и ќе ја чека украинската страна“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, во вторникот навечер. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, посочи дека Русија сака да ги искористи разговорите за да ги адресира „корените на конфликтот“, како што ги гледа Москва, вклучувајќи ја и „денацификацијата“ на Украина и официјалното приклучување на анектираните територии во Русија – што укажува дека реториката на двете страни сè уште е многу различна.

Зеленски посочи дека верува оти без прекин на огнот договорен од лидерите, нема смисла да се почнуваат разговори на пониско ниво.

„Сакам да разберете зошто би се сретнал со Путин. Нема да можеме сè да договориме сега. Тоа е невозможно. Имаме различни пристапи кон животот, различни светогледи. Но, мораме некако да најдеме начин да ја завршиме војната“, посочи тој. Доколку со Путин се договори за прекин на огнот, посочи Зеленски, тогаш групи на пониско ниво би можеле да започнат да ги договараат следните чекори.

Тој посочи на претходните разговори во Саудиска Арабија, кога Американците делувале како посредници меѓу руските и украинските делегации, но не успеале да договорат траен прекин на огнот. „Без сигнали од лидерите или нивна средба, овој формат не функционира“, изјви тој.

Сепак, кога беше притиснат, одби да исклучи испраќање делегација на пониско ниво во Истанбул. „Не знам. Искрен сум. Можеби Американците, можеби некој навистина ќе сака повторно да го започне овој формат. Не знам“, посочи тој.

Makedonski