Мицкоски до крај на годинава најави големи промени во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата

1

„Кој ќе се покаже со својата работа ќе остане, но тие што нема да ги исполнат очекувањата на граѓаните ќе ги поздравам и ќе им се заблагодарам. Го кажувам уште сега, за да се знае и да испратам порака дека единственото нешто што вреди, единственото најголемо нешто што човек може да го остави зад себе е образот и честа. И ќе дадам сѐ тоа да остане најчистиот дел од нашата работа. Тоа сите заедно му го должиме на народот. Немаме време за губење и немаме простор да создаваме нови разочарувања кај луѓето кои веќе со децении наназад се изгорени од разни неискрени и корумпирани политичари“, рече Мицкоски, во обраќање на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

Ќе ја санкционирам, како што рече, секоја забеганост и ќе ги разрешам сите оние кои ќе не посрамотат како структура и како луѓе, примерот за промени мора да го дадеме ние, и од секој од нас зависи како и со каков интензитет ќе се случуваат промените.

Мицкоски најави и сериозни мерки во делот на цените и стандардот, како и поддршка на стопанството.

„Свесен сум дека во Македонија тешко се живее и животот е скап. Да не преземевме некои мерки, и да беа другите од претходно на власт, како беше тргната работата, ќе заглавевме во уште поголеми долгови и инфлација и ќе се случеше целосен банкрот. И ова не го кажувам како изговор, туку како поглед кон реалноста, како израз на свесност како се живее, и во кои услови ние сега работиме. Планираме сериозни мерки во делот на цените и стандардот. Преку раздвижување на економијата и сетови мерки за подобар стандард. Планираме многу нови проекти кои ќе помогнат на компаниите да растата, да создаваат работни места и да ги зголемуваат платите, тоа е нашата идеологија, да помагаме на компаниите за да создаваат раст и добри работни места и да ја движат економијата, затоа што веруваме во потенцијалите на луѓето, веруваме во нивната иновативност, креативност, претприемачки дух, и ќе вложуваме многу во поттикнување на мали и средни бизниси и ќе вложуваме во луѓето преку финансиска поддршка, грантови, субвенции, директни финансирања на проекти, но и образовни програми и едукативни курсеви за да се подготват нашите луѓе за времето кое го живееме, време на вештачка интелигенции, иновативни техонологии, комуникациска револуција“, рече Мицкоски.

 

Makedonski