Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство не вклучува „прифаќање мигранти“

0

Не е точно дека во земјава ќе се прифаќаат мигранти и азиланти, а точно е дека дел од парите ќе бидат алоцирани во инфраструктурни проекти во здравството, но не во градење нов клинички центар, туку во доградба и реконструкција на постоечките, пишува „Вистиномер“

Во продолжение, ви го пренесуваме текстот во целостт:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Мицкоски потпишува договор за Стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Вакви веќе имаме со САД и Турција. Ова што сега Мицко ќе го потпише всушност носи со себе 2,2 милијарди заем кој ќе го земе Мицкоски од енглезите. Ќе градел Мицкоски Клинички центар кој ги опфаќа Скопје, Тетово, Кичево и Штип. Ама тоа не е се, клучното е што Мицкоски се согласил (претходно Рама ги одби британците) да прифати сместување на азиланти, мигранти и бегалци кои Англија ги одбила и сега треба да се ослободи од нив. Уште некој месец ако му оставиме на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ не само што отиде нашата ЕУ перспектива туку и нација и територија ќе ни замине.

Од Владата на Република Северна Македонија ги демантираат наводите во објавата.

Во целост ги демантираме овие тврдења од оваа личност на социјалните мрежи која ни е комплетно непозната. Едноставно ќе одговориме, не е точно. Никој не презема обврска доколку не сака дека мора да има мигранти. Нема да има. Ги сфаќаме, што дури има вакви одлични историски значајни вести за нашата држава, мора да отворат измислен непостоечки проблем затоа што едноставно така се обврзале тие да направат со свои договори за стратешко партнерство со актуелни и сегашни лидери на партии. Тоа е реалноста. Се друго е измама и обид една значајна работа за државата и народот да се минимизира и да се фрли сенка и дамка на истата. Времето ќе ги демантира а ние со оптимизам и силна посветеност, увереност и одговорност промовираме значаен настан за нашата држава. Има голем простор за задоволство. Од ова ќе произлезат многу значајни проекти за народот и државата и ние сме среќни за тоа, велат од Владата на Република Северна Македонија за „Вистиномер“. 

Владата на Обединетото Кралство подетално на својата веб-страница има објаснето дел од договорот за стратешко партнерство со С. Македонија во соопштение објавено на 16 мај 2025 година (петок).

Премиерот се сретна со премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски на Самитот на европската политичка заедница денеска. Премиеорт го поздрави новото стратешко партнерство меѓу двете држави, кое дополнително ќе ги зајакне односите меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Партнерството го подвлекува растечкото пријателство меѓу двете држави и претставува сигнал за намерата поблиску да се работи на заедничките предизвици вклучително економскиот раст, размена, одбрана и безбедност, изјави премиерот. Лидерите исто така дискутираа за неодамнешната согласност на Северна Македонија да се приклучи кон Joint Migration Taskforce, што дополнително ќе ја зајакне соработката да се спречат ирегуларните мигранти кои транзитираат низ Балканот и да се спречат криминалните организации кои им помагаат, пишува во соопштението објавено на сајтот на Обединетото Кралство.

Но, никаде не се споменува „сместување на азиланти, мигранти и бегалци кои Англија ги одбила и сега треба да се ослободи од нив“.

На истиот владин сајт на Обединетото Кралство еден ден порано, односно на 15 мај 2025 година објавено е што точно значи Joint Migration Taskforce (кон кој и С. Македонија се согласила да се приклучи). Се наведува дека Обединетото Кралство ќе ги засили напорите да ги разбие криминалните мрежи кои што ја дозволуваат илегалната миграција преку Западен Балкан и дека тоа ќе се случи на историската посета на Кир Стармер во Албанија (прва негова посета на Албанија). Стармер ја посети Албанија во историска прва официјална посета, бидејќи двете држави ја засилуваат соработката на полето на одбраната и безбедноста, организираниот имиграциски криминал и во насока на економски развој.

Во соопштението од 15 мај 2025 се наведува дека Обединетото Кралство го проширува Joint Migration Task Force во Западен Балкан за да ги пресретне напливите мигранти пред да дојдат до бреговите во Обединетото Кралство. Дискусиите за илегалната миграција дојдоа на дневен ред откако Стармер го откри така наречениот Immigration White Paper кој претставува план за да се намали миграцијата.

Премиерот очекува да ја види соработката на Албанија во акција за време на посетата, бидејќи двете држави ги удвоија напорите за откривање фалсификувани документи, нелегални финансиски текови и пари за миграција. Обединетото Кралство ќе ги зголеми напорите да ги разбие криминалните мрежи кои што ја поттикнуваат илегалната миграција низ Западен Балкан. Премиерот Кир Стармер ќе ја почне дводневната посета на Тирана денеска, за да ја засили соработката за миграција и да ги прошири успешните заеднички иницијативи со Албанија и повеќе држави од регионот. Ова доаѓа откако тој неделава го откри планот на владата за имиграцијата (White Paper), разбирлив план што ќе ја намали миграцијата во Обединетото Кралство. Стармер при посетата во Албанија ќе го посети пристаништето Драч за од прва рака да види како се одвива британската соработка во пресретнувањето на шверцери на луѓе, задржувањето на идни мигранти и фаќањето на криминалци што се служат со фалсификувани документи. Британската соработка со Албанија подвлекува како овој владин пристап на пресретнување и сечење на бранот мигранти драматично може да ја намали нелегалната миграција кон британските брегови. Пристигнувањето на малите бродови од Албанија во последните 3 години е намалено за 95 проценти додека бројот на Албанци што се враќаат во земјата се удвои во последните 2 години. Во 2024 имаше 5,294 Албанци што се вратија, а претходната година 2,035. Но, премиерот јасно стави до знаење дека владата не може да биде статична за овој успех и додека е во Албанија неделава, очекува да ја објави експанзијата на Joint Migration Task Force и со Северна Македонија, пишува на сајтот на Обединетото Кралство.

Се додава дека овој Task force (работна група), се состои од професионалци од различните држави кои што се вклучени во дизајнирање и спроведување на операции за детекција, задржување и менаџирање на илегална миграција.

Обединетото Кралство ќе сподели поголемо количество разузнавачки информации за да им дозволи на локалните власти да пресретнат шверцерски банди, а ќе бидат дадени и британски дронови за пресретнување на истите банди што им помагаат на мигрантите низ Западен Балкан на патот до Обединетото Кралство. Се наведува и дека на Албанија Обединетото Кралство ќе ѝ даде 2 машини за детектирање фалсификат пасоши. Се планира и програма за оние Албанци што се фатени и вратени во Албанија, да се реинтегрираат во албанското општество и да не се обидуваат пак илегално да мигрираат (ова ќе биде правено со програма за нивно вработување дома, особено во северна Албанија каде се враќаат најголемиот број нелегални мигранти вратени од Обединетото Кралство).

Во врска со делот од објавата дека со парите од стратешкото партнерство ќе се градел „Клинички центар што ќе ги опфаќа Скопје, Тетово, Кичево и Штип“, премиерот Мицкоски на прес-конференцијата не спомена дека ќе се гради еден нов клинички центар туку рече дека ќе се работи на доградба на веќе постоечки засебни објекти.
Според тоа што го кажа Мицкоски на прес-конференцијата, дел од овие средства ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти, како изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството, вклучително завршување на клиничката болница во Штип со нов медицински факултет и студентски домизградба на болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово. Договорите за овие инвестиции се очекува да бидат потпишани во наредните денови.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Не е точно дека во земјава ќе се прифаќаат мигранти и азиланти. Точно е дека дел од парите ќе бидат алоцирани во инфраструктурни проекти во здравството, но не во градење нов клинички центар, туку во доградба и реконструкција на постоечките.
Makedonski