ВЛЕН: Албанците не се предмет на трговија за функции
Од „Влен“ реагираат остро на одлуката на Арбен Таравари да се приклучи на коалиција со Али Ахмети, нагласувајќи дека незадоволството од неговите постапки не доаѓа само од поранешниот коалициски партнер, туку и од негови блиски соработници. Според нив, се зголемува бројот на разочарани лица од „скандалозната“ одлука на Таравари, а оставката на пратеникот Салим Сулејмани ја нарекуваат „највисок морален чин“ што покажува дека Албанците не се предмет на трговија за политички функции.
„Како што направи Сулејмани, така размислува и најголемиот дел од членството на Алијансата за Албанците“, велат од „Влен“, истакнувајќи дека масовните оставки се резултат на одлуката на Таравари за коалиција со ДУИ, што не е прифатливо за нивниот електорат.
Тие дополнуваат дека Таравари, со своето водење, н нанел сериозна штета на партијата и предвидуваат дека на крај ќе остане сам во сојуз со Ахмети. Од „Влен“ повторуваат дека веруваат во чесноста на многу членови на Алијансата за Албанците, кои, според нив, не сакаат да бидат дел од, како што велат, „пазарења и зделки“.
Во завршницата, „Влен“ порачува дека претстојат промени на албанската политичка сцена и најавуваат „политички земјотрес“, кој ќе ги потресе и Таравари и Ахмети. „Народот е веќе на вистинската страна – на страната на ВЛЕН. Водачите на тендер-коалицијата ќе останат во историјата“, стои во соопштението.