ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Говорите за хаос, а државата ја оставивте во урнатини

0

„СДСМ се дрзнува да зборува за хаос, иако токму тие ја оставија државата во урнатини. Последиците од нивното владеење со криминален ‘ред и поредок’ и денес силно ги чувствува народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата, партијата го обвинува поранешното раководство на СДСМ за низа пропусти и скандали – од состојбата во здравството, преку задолжување од над 3 милијарди евра, до, како што се наведува, безбедносни и економски неуспеси.

„Здравството го претворија во бункер за тендери на Филипче, Груби и Заев. Економијата ја закопаа, а државата ја задолжија до гуша без да реализираат ниту еден проект“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваат и, како што велат, оддалечувањето на раководството на СДСМ од реалноста, обвинувајќи ги дека продолжуваат со политички маркетинг додека граѓаните живеат во сиромаштија и несигурност.

„Додека граѓаните се бореа за егзистенција, тие се шетаа со кокаин-кумови и го прославуваа криминалот како успех. Иселија 260.000 луѓе, ги заглавија општините во долгови, и сега – без грам срам – зборуваат за хаос“, наведуваат од партијата.

Посочуваат и на случаи како трагедијата со модуларната болница во Тетово, состојбата со корупцијата, мито во администрацијата, и спорниот француски предлог за преговори со ЕУ, како примери на, како што велат, капитулација и губење на државниот интегритет.

„Наместо соопштенија од млади партиски активисти кои сè уште живеат во илузиите на своите политички идоли, време е СДСМ да се соочи со реалноста. Тие се одговорни за хаосот што го наследивме – и граѓаните тоа многу добро го знаат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Makedonski