Во четврток во Лондон Северна Македонија и Обединетото Кралство ќе потпишат договор за стратешко партнерство

2

На 22 мај во Лондон владите на Обединетото Кралство и Северна Македонија ќе потпишат договор за стратешко партнерство, за што британскиот амбасадор Метју Лосон вели дека ќе биде „историски момент“ во билатералните односи меѓу двете земји. Според најавите, договорот треба да отвори нови можности за инвестиции, трговска размена и соработка во повеќе сектори, меѓу кои образованието, културата и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Договорот ќе вклучува и начини на соработка за справување со имиграцијата.

„Очекуваме овој договор да даде импулс за инвестирање стотици милиони фунти, средства што ќе бидат од значење и за британската и за македонската економија“, изјави Лосон во интервју за ТВ Сител. Тој посочи дека половина од британските инвестиции во Западен Балкан се токму во Северна Македонија и дека се работи на формирање британска бизнис-асоцијација која ќе ги поддржи идните проекти.

Договорот доаѓа како надградба на веќе постоечкиот Договор за партнерство, трговија и соработка потпишан во 2023 година, и е дел од пошироката британска стратегија за воспоставување билатерални односи со држави по излегувањето од Европската Унија. Со слични стратешки договори Велика Британија веќе се има поврзано со Украина, Индија, Нигерија, Казахстан и други држави, при што фокусот на секој од тие договори варира според интересите на Лондон, од безбедност до критични минерали и технолошка соработка.

Во македонскиот случај, британската страна најавува фокус на економски и инфраструктурни проекти, вклучително и изградба на болници и железничка мрежа. Од македонска страна, вицепремиерите Александар Николовски и Изет Меџити ќе ја предводат владината делегација во Лондон, каде ќе се одржат и заеднички изјави со британскиот министер за трговија.

Сепак, дел од јавноста и медиумите укажуваат дека засега нема јасна слика за тоа како ќе се реализираат најавените шест милијарди евра инвестиции, дали ќе бидат директни инвестиции или кредити, и под кои услови. Опозициската СДСМ побара одговори за потенцијалното задолжување и какви привилегии би добиле британските компании ако навистина станува збор за заеми преку комерцијални банки.

И покрај ентузијазмот на властите, досега британските медиуми не известија за договорот, што дополнително ја отвора дебатата за реалната тежина на партнерството во рамки на британската надворешна трговска политика.

Мицкоски најави изградба на нов колосек на Коридорот 10 преку договорот со Обединетото Кралство

Makedonski